
Методија Шаторов е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп. Во 1918 година Шаторов емигрира во Бугарија од каде пропагира преку пишани книжевни написи за македонска нација за посебна национална, самобитна на Балканскиот Полуостров.
Станува член на социјалистичката партија (потпишан со националност Македонец). Учествува во Септемвриското востание во Бугарија во 1923 година.
Една година подоцна бил уапсен и мачен во затворот од каде излегол со нарушено здравје. Во 1925 година станал член на ВМРО – Обединета. Шаторов бил определен да работи меѓу македонските емигрантски маси за созревање на комунистичката организација на Македонците во Бугарија.
Според бугарските политички досиеја, бил обележан за опасен комунист. Главата за погубување му била проценета на 4.000 лева. При крајот на 1927/28 година на нелегалната конференција во Берлин, Шаторов се заложил за постоење на македонска организација во Вардарска Македонија.
Во 1928 година бил фатен од бугарската полиција и осуден на 11 месеци затвор. Во јули 1929 година бил ослободен, а во 1930 година заминал за Москва во Советскиот Сојуз. Се вработил во интернационалната Коминтерна и ја завршил лениновата школа.
Како долгогодишен активист во комунистичкото движење, Шарло непосредно пред Втората светска војна доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија и бил единствен од Македонија кој го побарал македонското национално прашање на ниво на суверен статус.
Шарло се залагал за самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Покрај тоа, во архивите на некогашната Коминтерна се откриени документи според кои Методија Шаторов постојано се изјаснувал како Македонец. Тој се смета уште за еден од најзаслужните за тоа што Коминтерната и Бугарската комунистичка партија го признале постоењето на македонскиот народ.
На 4 септември 1944 година, само неколку дена пред ослободувањето на Бугарија од страна на Црвената Армија, при една акција на бугарската војска против партизаните, во фазата на повлекување пред непријателот, Шарло загинува од непријателски оган.