
Синдикалната минимална кошничка за пресметка на трошоците за живот во декември 2024 година изнесува 62.861 денари, што претставува зголемување од 840 денари во споредба со ноември, кога изнесуваше 62.021 денари. Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), само за основни потреби за храна на едно четиричлено семејство се потребни над 23.000 денари. Трошоците за храна во декември се зголемени за 397 денари во однос на претходниот месец.
ССМ апелира дека итно се потребни мерки за контрола на цените, обвинувајќи ги трговците дека ја искористиле најава за нови акции и мерки за зголемување на цените и остварување дополнителна добивка на сметка на граѓаните.
„Вредноста на синдикалната кошничка не ги одразува вистинските потреби на работниците ако во пресметката се вклучи и трошокот за изнајмување стан од 60 квадратни метри, кој за декември достигна 78.236 денари,“ изјавуваат од ССМ.
Сојузот бара подолгорочни и поефективни мерки за спречување на ваквите практики и намалување на товарот врз граѓаните, со цел да се обезбеди достоинствен живот за работниците и нивните семејства.