
Родна Ивева, родена во маалото Јурија во Велес, потекнува од сиромашно земјоделско семејство, познато по револуционерниот дух кој го карактеризирал овој дел од градот. Од мала возраст таа му помагала на својот татко Лазо Ивев за да ја прехранат фамилијата, но токму работата во велешкиот монопол ја запознала со идеите на комунизмот и социјализмот. Овие идеи силно влијаеле врз нејзиниот животен пат, па на 16 години се приклучила во Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), активно учествувајќи во средби, штрајкови и протести. Пред почетокот на Априлската војна во 1941 година, станала членка на Комунистичката партија на Југославија.
Со окупацијата на Југославија од страна на фашистичка Бугарија, Третиот Рајх и Италија, Ивева продолжила да работи во велешкиот монопол, но паралелно се вклучила во народноослободителното движење. Таа собирала материјали и муниција, патувала низ велешките села за да регрутира доброволци и воспоставувала врски за формирање на велешкиот партизански одред. Во 1942 година, со создавањето на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, Ивева станала клучна фигура во мобилизацијата на нови борци.
Во септември 1942 година, додека регрутирала доброволци во селото Рудник, била предадена на бугарските окупаторски сили. За да избегне заробување, се приклучила кон партизанскиот одред „Димитар Влахов“, каде служела во втората чета. На 16 декември 1942 година, нејзината група била откриена и нападната во пештерата кај селото Војница од бугарската армија и велешката квислиншка контрачета. Родна Ивева храбро загинала во оваа битка. По завршувањето на војната, нејзините посмртни останки беа пренесени во велешката спомен-костурница на 11 октомври 1979 година, каде почива заедно со други истакнати велешки партизани како Кочо Рацин и Димче Мирчев.