
Коле Чашуле е роден на 2 март 1921 година како Никола Кепев, но подоцна го добива презимето Чашуле откако бил посвоен од својот вујко. Образованието го започнал во Прилеп и Битола, а потоа во 1938 година се запишал на медицински студии во Белград, кои бил принуден да ги прекине поради Втората светска војна. Во 1941 година, заминува во Софија, каде што воспоставува контакти со истакнати македонски интелектуалци како Венко Марковски, Блаже Конески и Никола Вапцаров, со кои активно учествува во литературни активности.
Од почетокот на Народноослободителната борба, Чашуле се приклучува на партизанските единици, учествувајќи во нападот на полициската станица во Прилеп на 11 Октомври 1941 година. Во 1942 година е уапсен и осуден на смрт, но подоцна казната му е заменета со доживотен затвор, кој го издржува во Идризово. Во 1944 година организира успешно бегство на повеќе од 300 осуденици и активно учествува во завршните борби за ослободување на Македонија.
По војната, Чашуле ја започнува својата професионална кариера како главен уредник на Радио Скопје и е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија. Подоцна влегува во дипломатијата, станувајќи југословенски конзул во Торонто, а потоа и амбасадор во неколку јужноамерикански земји. Бил прв министер за култура на НР Македонија, а во 1984 година станал претседател на Сојузот на писателите на Југославија. Во 2001 година, неговите ставови ги објавувал во „Утрински весник“, а дел од текстовите се собрани во книгата „А, бре Македонче!“.
Во текот на својот живот Чашуле добива бројни награди, меѓу кои „11 Октомври“, „Рациново признание“, „Стале Попов“ и „Стериината награда“. Објавил 25 драми, кои биле изведувани на меѓународно ниво, како и многубројни есеи, критики и коментари, од кои некои се преведени на повеќе јазици. Почина во Скопје на 22 септември 2009 година, на 88-годишна возраст.