
Павел Шатев го започнува своето образование во Кратово, а потоа го продолжува во Скопје и Солун, каде што матурира во 1900 година. Во Солун се приклучува на Гемиџиите – група револуционери кои во 1903 година ја изведуваат познатата Солунска акција со цел да го привлечат вниманието на Европа кон македонското ослободително движење. Шатев е задолжен за минирање на францускиот брод „Гвадалкивир“, што успешно го извршува без жртви. По акцијата, еден од ретките што преживува, но е уапсен и осуден на смрт, а подоцна казната му е заменета со доживотен затвор во Сахара.
По амнестијата во 1908 година, Шатев се враќа во Солун и заминува во Брисел, каде што студира право. За време на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во 1921 година е избран за претседател на Македонската емигрантска федеративна организација и станува разузнавач за СССР. Игра значајна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест и во активностите на ВМРО (Обединета). По враќањето во Бугарија во 1931 година, во 1941 е уапсен од бугарската полиција и осуден на 15 години затвор.
По капитулацијата на Бугарија во 1944 година, се враќа во Македонија и станува потпретседател на Президиумот на АСНОМ, а подоцна и прв министер за правосудство во слободна Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија што доведува до негово апсење во 1949 година. По 11 месеци во истражен затвор, е испратен во домашен притвор во Битола, каде што починува на 30 јануари 1951 година.