
Познатата гласноговорничка за работнички права, Кристина Ампева на социјалната мрежа Фејзбук напиша отворено писмо кон Премиерот и Владата на Македонија
Почитувана Влада, почитуван премиере.
Се надевам ќе стаса пишаново до вас, бидејќи сега не сте во опозиција, морам вака да се обратам по повод измените на Законот за работни односи. Имено се носат закони на брза лента, ама не во корист на обичниот работник кој има најниска плата во цел регион, туку за Продолжување на работен однос на избрани и именувани лица, да, оние со 78% зголемена плата.
Па да прашам, овој ли е начинот на носење закони, тивко, полека, за да се сместат пулени од пензија во работен однос? Тоа е најважно така?
Дали го прашавте приватниот сектор дали може тие имаат потреба од ангажирање на пензионери, оти работоспособното население си заминува? Дали ги прашавте пензионерите кои цел работен век работеле по фабриките и погоните и се со најниски пензии, имаат потреба од дополнителна работа? Без да одат на црно, на милост и немилост и ризикуваат да ја загубат мизерната пензија што не им стасува ни за апчиња? Од нив барем би оделе реални даноци во државната каса, од овие вашите функционери, со 78% покачување , одат парите од нашите даноци.
Почитувани, мислам дека има други приоритетни измени на закони да донесете, па еве мал дел да набројам: смалување на вашите патни трошоци, да прекинете со злоупотреби со нашите пари, да ја замрзнете платата бидејќи со вашата плата и со платата на работник, се дава лажна слика за просечната плата. Исто можете да донесете закон да ја замрзнете маржата бидејќи народот кој ве бираше на избори, не стасува да плати сметки и да наполни фрижидер. Можете и да направите измени и ја покачите минималната плата по примерот на земјите во регионот , преку замрзнати придонеси. Да не бидеме на дното со плати. Можете многу работи да направите бидејќи имате лагодна и мнозинска позиција и немате право да шурувате само со олигарсите, а мнозинството на граѓани кои ве донесе на власт, да му кажете дека не можете да покачите плата. Освен името, знамето, грбот, имате одговорност пред граѓаните. Оти овој народ молчи, ама се одмаздува на избори.
Почитувани, навистина очекував дека ќе се заложите за сопствениот народ, и ова го пишувам со најискрени и чесни намери, добронамерни, бидејќи не сум на платен список на ниедна партија, тоа е докажано од 2015та па наваму.
Почнете да носите закони во корист на обичниот народ, да работите за подобрување на животот, на стандардот на овој народ кој ви даде доверба, да ја возвратите таа доверба. Затоа сте таму.
И Закон за работни односи, негови измени и носења, не се носи без претставници на работниците. Прво и основно правило.
Со почит,
Кристина Ампева
(другарски, работнички поздрав)