
Во сабота, на 5 јули, во австриските градови Грац и Салцбург ќе бидат организирани две Југофешти, а овој настан, кој го оживува духот на поранешна Југославија, традиционално го организира Комунистичката партија на Австрија (КПÖ).
Веќе неколку години Југофештата во Грац собира голем број луѓе од нашите простори, а годинава истиот настан го организира и огранокот KPÖ PLUS во Салцбург.
„За еден ден ја носиме Југославија во Салцбург. Цела Југа една авлија – цела Југославија е една авлија, полна со вкусни ќебапи, југо-поп, танцување до зори, стари приказни и нови пријателства. Навратете, доведете пријатели и семејство и опуштете се“, стои во објавата на KPÖ PLUS со која се најавува неделниот собир.
„Фестивалот го организираат луѓе од Салцбург кои самите имаат семејни врски со поранешна Југославија. На овој фестивал не прашуваме дали некој зборува босански, хрватски, црногорски или српски, туку дали зборува ‘по нашки’ – ‘како што ние зборуваме’.“
Овој настан по шести пат по ред се организира во Грац, во Volkshaus – седиштето на Комунистичката партија на Австрија. И оваа година таму е планирана богата културно-уметничка програма, а меѓу другото ќе настапат:
Електрични оргазам
MANU DEVLA
Помурски тамбурашки оркестар
Танцова група КУД Бедем
YJ Drug b Drug
Со цел да се оддаде вистинска почит на интеркултурниот Балкан, поканети се уметници кои на еден ден ќе го обојаат Volkshaus во сино-бело-црвени бои и ќе им го доловат на посетителите гостопримството на нашите јужни соседи. Заедно создаваат богата културна програма составена од танц и музика, автентични кулинарски специјалитети, филм и заедништво, се наведува во објавата на КПÖ во Грац.
Преземено од нашиот партнер: Novi DANI