
Џон Грифит Чејни, попознат по псевдонимот Џек Лондон е американски писател најпознат по своето дело Повикот на дивината, како и по многу други дела (Мартин Идн, Железната петица, Белиот песјак итн). Како пионер во тогашниот растечки свет на фикцијата како тема во комерцијалните списанија, тој бил еден од првите Американци кои направиле профитабилна кариера исклучиво од пишување. Една работа за Џек Лондон која е помалку позната се неговите социјалистички политички убедувања.
Џек Лондон станал социјалист на возраст од 21 година. Уште пред тоа, тој поседувал оптимизам поради своето здравје и сила, тежок индивидуалец кој работел напорно и го гледал светот како нешто добро. Но, како што наведува во својот есеј, „Како станав социјалист“, неговите социјалистички погледи почнале да се создаваат откако му се отвориле очите пред припадниците на социјалното дно. Неговите оптимизам и индивидуализам избледеле и се заколнал никогаш повеќе да не работи понапорно од она што е потребно. Пишува дека неговиот индивидуализам бил истеран од него и тој повторно се родил како социјалист.
Лондон отпрво се придружил на Социјалистичката работничка партија во април 1896 година. Во 1901 година, ја напуштил Социјалистичката работничка партија и станал член на новата Социјалистичка партија на Америка. Во 1896 година, Сан Франциско Кроникл објавил сторија за 20-годишниот Лондон кој во паркот во Оукленд држел вечерни говори за социјализмот – активност за која бил уапсен во 1897 година.
Тој неуспешно се кандидирал на изборите за градоначалник на Оукленд во 1901 година како високопрофилен социјалистички кандидат (освојувајќи 245 гласови) и во 1905 година (подобрувајќи се на 981 глас), потоа ја обиколил земјата во 1906 година држејќи предавања за социјализмот, и издал збирка есеи за социјализмот (Војната на класите, 1905; Револуција, и други есеи, 1910).