Ирска, Шпанија, Холандија и Словенија ќе го бојкотираат Евросонг 2026 по одлуката на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да не одржи гласање за евентуално исклучување на Израел од натпреварот, и покрај барањата на повеќе јавни сервиси.
Ирскиот RTVÉ соопшти дека нема да учествува ниту да го емитува натпреварот, оценувајќи дека учеството би било „несовесно“ во услови на големата хуманитарна криза во Газа. Одлуката на ЕБУ, која само донесе нови правила за спречување влијание врз гласањето, беше оценета како недоволна.
Во Шпанија, јавниот сервис RTVE исто така реши да се повлече, наведувајќи „недоверба“ во процесот на одлучување и критикувајќи го одбивањето на ЕБУ да дозволи посебно гласање за израелското учество. Шпанскиот министер за култура Ернест Уртасун ја поддржа одлуката и порача дека културата мора да биде „на страната на мирот и правдата“. RTVE, заедно со уште неколку држави, претходно формално побара тајно гласање, но без успех.
Холандскиот јавен сервис Avrotros соопшти дека под актуелните околности не може да учествува на натпреварот без да ги наруши своите јавни вредности. Холандија побара поголема транспарентност од ЕБУ и оцени дека изостанувањето на гласање за Израел дополнително ја нарушува довербата во организацијата. Avrotros наведува дека моменталната ситуација е несоодветна за нивно присуство на натпреварот.
Словенија, преку RTVSLO, ја потврди својата одлука да се повлече – одлука што беше најавена уште летово. Словенечкиот јавен сервис оцени дека учеството во Евросонг под овие услови би било спротивно на нивните вредности за мир, еднаквост и почит. Со тоа, Словенија стана четвртата држава што официјално се приклучи на бојкотот по одлуката на ЕБУ да го дозволи израелското учество без гласање.