Куќата-музеј на Владо Малески во Струга, споменик на културата заштитен со државно решение од 2017 година, била оштетена при изградба на соседен објект. При ископните работи на приватен инвеститор, биле урнати јужниот ѕид и дел од кровната конструкција на куќата. На лице место излегле екипи од Јавното обвинителство, полицијата и стручни лица од Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид“, кои потврдиле значителни оштетувања на објектот.
Министерството за култура и туризам соопшти дека е во координација со сите надлежни институции и дека ќе се преземат мерки за заштита и санација на куќата, која се наоѓа во заштитена зона на Охридскиот регион. Заводот и музеј Охрид веќе доставил наод и предлог до Управата за заштита на културното наследство во Скопје, а инспекциската служба ќе постапи во согласност со своите овластувања. Министерството остро реагираше на ваквите неодговорни постапки и апелираше инвеститорите строго да ги почитуваат законските процедури за заштита на културното наследство.
Од Друштвото на писателите на Македонија информираа дека по увидот е утврдено дека оштетувањето е резултат на градежни работи изведувани со дозвола, но без соодветна заштита на соседниот спомен-објект. Подготвен е записник што ќе биде доставен до Управата, по што ќе се изработи проект за реконструкција на куќата. Во меѓувреме, инвеститорот е задолжен да ја обезбеди локацијата за да се спречат понатамошни оштетувања на домот на Владо Малески – авторот на текстот на македонската химна и една од најистакнатите личности на македонската културна и антифашистичка историја.