
Роберт Овен го усвои учењето на материјалистичките просветители од 18 век дека карактерот на луѓето е производ, од една страна, на вродениот состав и, од друга страна, на опстоите што го опкружуваат за време на неговиот живот, особено во периодот на развитокот.
Во индустриската револуција повеќето од неговите сталешки другари гледаат само мешаница и хаос, погодни за во матно да се лови риба и бргу да се богати. Тој во неа гледаше пригода да ја примени својата сакана идеја и со тоа да воведе ред во хаосот. Тој го обиде тоа уште во Манчестер, како директор на една фабрика со преку двесте работници; од 1800 до 1829 година тој раководеше како ортак една памучна предилница од Њу Ланарк во Шкотска во истата смисла, но со поголема слобода на дејствувањето и со успех што му донесе европски глас.
Населението на Њу Ланарк што постепено нарасна до 2500 души, составено од силно деморализирани елементи, се преобрна во комплетна примерна колонија во која пијанството, полицијата, кривичниот судија, процесите, помагалиштата за сиромашните и потребата од милосрдие беа непознати нешта.

Тој е изнаоѓач на училиштата за мали деца и таму за првпат ги воведе. Од втората година на животот доаѓаа децата на училиште каде што толку добро си поминуваа што одвај можеше да се одведат дома. ,,Од фабричкиот систем, како што тоа во детали може да се проследи кај Роберт Овен, изникна никулецот на образованието на иднината кое за сите деца над извесна возраст ќе ја спојува производната работа со наставата и со гимнастиката, и тоа не само како метод за наголемување на општественото производство, туку и како единствен метод за производство на сестрано развиени личности‘‘, вели Маркс во ,,Капиталот‘‘.
Додека кај неговите конкуренти се работеше по тринаесет до четиринаесет часа, во Њу Ланарк се работеше десет и пол часа. А кога памучната криза ја принуди фабриката на прекин на работата од четири месеци, на невработените работници им се плаќаше полна наемнина. И притоа претпријатието својата вредност ја наголеми повеќе од двојно и се‘ до крајот на сопствениците им даваше изобилна добивка.
Но со сето тоа Овен не беше задоволен. Егзистенцијата што тој им ја создаде на своите работници во неговите очи беше далеку од тоа да биде достојна за човека.
,,Луѓето беа мои робови‘‘, ќе рече.
Релативно поволните услови во кои тој ги стави беа уште далеку да допуштат сестран и рационален развиток на карактерот и на умот без да се зборува за една слободна животна дејност.
,,И сепак работниот дел од овие 2500 души произведуваше за општеството исто толку вистинско богатство колку што одвај да можеше да произведе една половина век порано население од 600 000 души. Се прашав себеси: што станува со разликата меѓу богатството што го трошат 2500 лица и она што мораше да го потрошат 600 000 лица?‘‘, пишува Овен.
Одговорот беше јасен. Разликата се искористи така што на сопствениците на претпријатието да им донесе пет проценти камата на основниот капитал и уште покрај тоа и 300 000 фунти стерлинзи (6 000 000 марки) добивка. А она што важеше за Њу Ланарк, важеше уште во поголема мера за сите фабрики во Англија.
,,Без ова ново, со помош на машините создадено богатство не ќе можеа да се водат војните за соборување на Наполеон и за одржување на аристократските принципи во општеството. А, сепак, оваа нова сила беше творба на работничката класа.‘‘, ќе заклучи Овен.
Поради тоа требаше нејзе да ‘и припаднат и плодовите.

Новите, моќни производни сили што досега служеа само за збогатување на поединци и за поробување на масите, ја даваа, според Овен, основата за општествена преобразба, и беа наменети за тоа, како заедничка сопственост на сите, сите да работат за заедничката благосостојба.
На ваков чисто деловен начин, како плод на, така да се каже, трговска пресметливост, настана Овеновиот комунизам. И до крајот тој го задржа истиот практичен карактер. Така Овен во 1823 година предложи, со помош на комунистички колонии, да се отстрани ирската беда и приложи комплетна пресметка на инвестиционите трошоци, годишните издатоци и предвидливите приходи. Така во неговиот дефинитивен план на иднината на општеството техничката изработка на подробностите е изведена со такво познавање на работите што, ако еднаш се прифати Овеновиот метод за општествена реформа, малку нешто може да се каже против уредувањето во подробности, дури и од стручно стојалиште.
Чекорот напред кон комунизмот беше пресвртна точка во животот на Овен. Додека настапуваше како филантроп, тој жнееше само богатство, одобрување, чест и слава. Тој беше најпопуларниот човек во Европа. Не само неговите сталешки другари, туку и државници и владетели го слушаа со одобрување. Но настапи со своите комунистички теории, се сврте листот. Нему му се чинеше дека три големи пречки ‘и го затвораат патот на општествената реформа: приватната сопственост, религијата и современата форма на бракот. Тој знаеше што го чека ако нив ги нападне: одбивност на официјалното општество, загуба на социјалната положба. Но тој не дозволи да биде задржан безобѕирно да ги нападне и се случи она што беше го предвидел. Прогонет од официјалното општество, осуден на безнадежно молчење од печатот, осиромашен од погрешно насочените комунистички обиди во Америка во кои го жртвува сиот свој имот, тој директно се сврте кон работничката класа, и остана активен во нејзината средина уште триесет години.
Сите општествени движења, сите стварни чекори напред што во Англија се постигнаа во интерес на работничката класа, се сврзуваат со името на Овен. Така во 1819 година, по петгодишни напори, тој го издејствува првиот закон за ограничување на женската и детската работа во фабриките. На едно собрание во Глазгов во 1812 година Овен предложил низа мерки за олеснување на положбата за сите деца и возрасни вработени во предилниците на памук. По иницијатива на Овен е даден во јуни 1815 година нацрт-закон кој дури во 1819 беше прифатен од парламентот како закон, но мошне испокастрен. Со овој закон, кој ги опфаќаше само фабриките за памук, се забрануваше, покрај другото, работа на деца до 9 години (додека Овеновиот предлог предвидуваше забрана да работат децата под 10 години) и го ограничи работното време на лицата помлади од 16 години на 12 часа. Овен пак бараше работното време за сите работници да не е над 10 1/2 часа.
Овен претседавеше на првиот конгрес на кој тредјунионите од цела Англија се обединија во еден единствен синдикален сојуз. Во октомври 1833 година во Лондон под претседателство, значи, на Овен се одржа конгрес на кооперативните друштва и на синдикатите на кој формално беше основан Големиот национален сојуз на синдикатите а програмата и статутот беа прифатени во февруари 1834 година. Според идејата на Овен, овој сојуз требаше да го земе во свои раце управувањето на производството и по мирен пат да изведе полна преобразба на општеството. Но овој утописки план не успеа. Сојузот се судри со силен отпор од страна на капиталистичкото општество и државата и се распадна во август 1834 година.
Овеновите „трудови пари“ за кои Маркс коментирал: „Трудовите пари“ на Овен се исто толку малку „пари“, нешто како еден театарски билет. Овен има за претпоставка непосреден поопштествен труд, т.е. една форма на производство што му е дијаметрално спротивна на стоковното производство. Потврдата за трудот го потврдува само индивидуалниот дел со кој учествува производителот во општиот труд и неговото индивидуално право на делот од општиот производ определен за потрошувачка. Но, на Овен ни на ум не му иде да го земе за претпоставка стоковното производство и тогаш да се обиде да ги заобиколи неговите нужни услови со парични итроштини.
Тој воведе, како преодни мерки за целосно комунистичко уредување на општеството, од една страна, кооперативи друштва (потрошувачки и производни задруги) кои оттогаш, ако ништо повеќе, дадоа практичен доказ дека како трговецот така и фабрикантот се сосема излишни лица; од друга страна, базари на трудот, установи за размена на производите на трудот со посредство на книжни трудови пари чија единица ја чинеше работен час (базари на трудот беа создадени од работничките кооперативи здруженија во многу градови во Англија – првиот базар на трудот го основа Овен во септември 1832 година во Лондон, тој постоеше до средината на 1834); установи кои нужно мораа да пропаднат, но наполно ја антиципираа каде-каде подоцнежната Прудонова банка за размена (на 31 јануари 1849 година Прудон во Париз ја основа Banque de peuple. Таа постоеше околу два месеца, но само на хартија. Банката ,,пропадна пред да почне да работи како што треба‘‘ – Маркс) и само со тоа од неа се разликуваат што тие не претставуваа универзално средство за сите општествени зла, туку само прв чекор кон една далеку порадикална преобразба на општеството.

Во Овеновата ,,Book of the New Moral World‘‘, ќе се најде не само најрешителен комунизам, со еднаква обврска на труд и целосна изработка на зградата за идната комунистичка општина на иднината, со план на основата, вертикалната проекција и изглед од птичја перспектива. Овен не само што проповедаше решителен комунизам, туку и пет години (кон крајот на дваесеттите и во почетокот на триесеттите) го практикуваше во колонијата Harmony Hall in Hampshire (кон крајот на 1839 година во Queenwood во грофовијата Хемпшир оваа комунистичка колонија ја основаа англиските социјал-утописти на чело со Роберт Овен. Постоеше до крајот на 1845 година).
Идеалната комуна според Овен требало да биде компонирана од 1200 станари, предвидена да биде 1000 стапки долга од секоја страна. Централната зграда би ја содржела јавната кујна и трпезариските соби. До овој објект би биле училишните згради, предавалните, место за богослужие и библиотека. Остатокот од внатрешниот дел на правоаголникот бил предвиден да се користи за вежби и рекреација. Три страни од правоаголникот биле детерминирани за семејни живејалишта а четвртата страна требало да биде детски јавен дом. Вон правоаголникот би се подигале згради, коњушници, фармерски објекти и агрокултурни површини. На жалост, Овеновите визионерски идеи никогаш не се отелотворија.