
Соопштението на Гласен Текстилец/Гласен Синдикат го пренесуваме во целост:
Денес беше изгласан нов закон што сериозно го менува начинот на кој функционираат инспекциите.
Пратениците го донесоа без јавна расправа и без вклучување на граѓаните и работниците – оние што најмногу имаат потреба од силна инспекциска заштита.
Инспекциите постојат за да не’ заштитат кога имаме проблем на работа, кога некој го крши законот, кога купуваме небезбедна храна, кога сакаме да пријавиме неправилности. Но со овој закон, нивната независност е ограничена.
Што се менува?
– Инспекцискиот совет се укинува
– Сите инспекторати ќе бидат под контрола на министерствата
– Директорите ќе се менуваат според волја на политичките структури
– Инспекторите ќе имаат помалку слобода и средства да постапуваат – Повеќе нема да може да се пријавува анонимно.
Анонимните пријави беа еден од ретките начини работниците и граѓаните да укажат на прекршувања без страв од последици. Со ова, се губи важна алатка за заштита од неправда.
Што значи ова за тебе, како работник или граѓанин?
– Ако си во неволја на работа – потешко ќе добиеш помош
– Ако пријавиш прекршок – ќе мора да го направиш тоа јавно
– Ако не си „во врска“ – инспекцискиот систем може да не те заштити
Овој закон е во судир со европските вредности и меѓународните насоки, кои бараат инспекциите да бидат непристрасни, независни и професионални.
Што бараме?
– Да се повлече законот и да се отвори јавна расправа
– Да се врати можноста за анонимни пријави
– Да се вклучат синдикати, стручни лица и граѓански организации
– Инспекциите да бидат сервис на граѓаните – а не продолжена рака на политиката
Ако веруваш во правда, солидарност и еднаква заштита за сите – сподели ја оваа порака.
Твоето право на безбеден и достоинствен живот не смее да зависи од политички интереси.