
На денешен ден во 1862 година, во Цариград (денешен Истанбул), почина Константин Миладинов, истакнат македонски поет и собирач на народни умотворби. Неговата песна „Т’га за југ“ останува едно од најзначајните дела во македонската литература, со над 70 препеви на повеќе од 40 јазици. Оваа песна традиционално го отвора меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата, симболизирајќи ја врската со неговото родно место.
Роден во Струга, Константин учел во Јанина, Грција, а потоа студирал грчка и словенска филологија во Атина и Москва. Во Москва активно соработувал со словенски кругови, подготвувајќи го „Зборникот на народни умотворби“, кој бил објавен во 1861 година со поддршка на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмајер. Осаменоста и тагата по родниот крај, кои го обзеле за време на престојот во Русија, го поттикнале Константин да создава поезија, која денес се смета за основа на македонската уметничка литература.
По објавувањето на „Зборникот“, Константин заминал за Цариград во обид да го ослободи својот брат Димитар, кој бил во затвор. Меѓутоа, и самиот Константин бил уапсен и затворен под обвиненија како шпион. Во затворските услови, здравјето му се влошило, а животот му завршил под неразјаснети околности. Смртта на браќата Миладиновци остави траен белег врз македонската културна историја, претставувајќи симбол на преродбенската борба и народната свест.