
„На денот на триесетгодишнината од Октомвриската социјалистичка револуција, нашиот град Горна Џумаја, заедно со целиот Пирински крај на Македонија празнува една голема културна победа, отворање на наш сопствен Областен македонски народен театар.
Отварањето на театарска сезона секогаш е важен културен настан во општествениот живот, што се очекува со повисок интерес од културната јавност. Но, ние оваа вечер не само ја отвораме театарската сезона, туку и почеток на нашиот македонски театар кој никогаш не сме го имале и за кој не можевме ни да мечтаеме.
Нашиот Областен македонски народен театар ја започнува својата дејност и театарската сезона со македонската пиеса „Печалбари” од Антон Панов, на македонски јазик, во која се одразува битот на нашиот македонски народ и фактот што пиесата се игра на македонски јазик, јасно зборува за карактерот на нашиот Областен театар и за неговата важна улога во политичкиот, културниот и национален развиток на Пиринскиот крај на Македонија.
Со историската народна победа на 9 септември 1944 година, условите на живеење на македонскиот народ од Пиринскиот крај на Македонија од корен се изменија. Ние денеска не само сме слободни граѓани на НР Бугарија туку и благодарејќи на правилната национална политика на Отечествениот фронт, ги имаме сите потребни услови за изградување на наша македонска национална култура, за подигање на нашето македонско национално сознание.
Силен фактор за подигање на националната македонска свест во нашиот град од Горноџумајската област претставува расцутот на националната култура на нашите браќа од НР Македонија. Воопшто, создавањето на НР Македонија во рамките на ФНР Југославија, е крупен факт во историјата на нашиот македонски народ. Ние Македонците имаме призната македонска држава во братското семејство на Нова Титова Југославија, чии постигања не инспирираат и нас Македонците од Пиринскиот крај. НР Македонија и националната култура на македонскиот народ, што брзо се развиваат, му даваат импулс на политичкиот и културниот живот во Пиринскиот крај на Македонија.
Другари и другарки, пред нас стои сериозната задача да ги следиме нашите браќа од НР Македонија во секој поглед за да се доближиме до нив и за да создадеме услови за политички, културен и национален живот.
Денешните услови се особено благопријатни за остварување на идеалите на нашиот македонски народ, идеалите на Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски револуционери, зашто на местото на непријателските држави Бугарија и Србија, денеска имаме братски републики НР Бугарија и ФНР Југославија, кои се поврзани на живот и смрт и решени заедно да се борат за зачувување на слободата и независноста на.своите народи.
Ние Македонците сме среќни што Македонија од јаболко на раздорот, денеска претставува обединувачка врска меѓу нова Димитровска Бугарија и Титова Југославија. Судбината на нашиот македонски народ е во нашите сопствени раце и ние нема да дозволиме на наша сметка одново да војуваат братските народи.
Ние Македонците имаме историска улога да служиме во закрепувањето на братството и единството меѓу НР Бугарија и ФНР Југославија, во што лежи гаранцијата на нашата сопствена иднина и на нашето обединување. Но никогаш не смееме да заборавиме, дека ние Македонците од Пиринскиот крај треба да вложиме повеќе усилби за политичкиот, културниот и националниот развиток, а имено како дел на македонскиот народ.
Во тој поглед Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја ќе треба да одигра многу важна улога, и нашата надеж насочена кон него е многу голема.
Одамна се чувствуваше потреба од Областен театар за нашата област. Веднаш по 9 септември ние имавме театарска група при Горноџумајското читалиште, која што даде ценет придонес за театарското дело во областа. Меѓутоа, потребите кои очигледно се зголемуваа не може да се задоволат со аматерска театарска група. Затоа нашите одговорни фактори се зафатија со организирање на Областен македонски народен театар. Основата, без сомневање, требаше да биде досегашната аматерска група зајакната и раководена од искусен артистички кадар, со кој ние не располагавме.
Нашата иницијатива беше поткрепена од Владата на НР Македонија, со тоа што беа испратени артисти од Скопскиот народен театар, кои заедно со денешниот директор на театарот другарот Петров го започнаа организирањето на нашиот Областен театар.
Нема никакво сомневање дека тешкотиите што треба да ги совлада нашиот театар, се многу големи и разнообразни. Но тие тешкотии треба да бидат совладани. Ние сме длабоко убедени дека раководителите на театарот и сите театарски работници нема да ги жалат силите и средствата за да ја оправдаат големата надеж што сите ние ја полагаме како во новиот театар, така и во нив поодделно.
Ние, сите политички, општествено-културни и општествени работници, како и целиот македоиски народ од областа, треба секогаш да ја дава потребната помош и поткрепа на нашиот театар, да му даде закрила со потребното внимание и да ги популаризираме неговите несомнени успеси”.
Извор: https://www.mn.mk/istorija/4411