
Народи на Југославија!
Војници, подофицери и офицери! Работници, селани и граѓани!
Денес, на 9 мај, точно 49 месеци и три дена по нападот на Југославија, најголемата агресивна сила во Европа – Германија, капитулираше. На осми мај, во 23 часот и 01 минута, германската врховна команда го потпиша во Берлин актот за капитулација.
Четириесет и девет месеци натчовечки напори и пролевање на крвта на нашите народи вродија со плод – вродија со целосна победа на нашите народи во заедница со Обединетите нации, пред сè со Советскиот Сојуз, Англија и Америка. Некогаш страшната и наизглед непобедлива сила денес е скршена. Победи праведната кауза на Сојузниците против оние разорни сили што сакаа да му наметнат на човештвото нов поредок – поредок на ропство и страдање. Оваа најстрашна војна во историјата на човештвото одзеде десетици милиони човечки животи во Европа. Разбеснетите германски и италијански фашисти и нивните крвави слуги што се појавија во сите европски земји го истребуваа мирното население, ги истребуваа сите што не се помируваа со судбината на Хитлеровиот т.н. „нов поредок“ во Европа. Стотици логори како Мајданек и Јасеновац – логори на ужас и смрт – ќе останат засекогаш како ужасна опомена до сите народи никогаш повеќе да не дозволат повторување на ваква трагедија, да направат сè за причинителот на оваа трагедија – фашизмот – да биде уништен во корен.
Војници, подофицери и офицери на Југословенската армија! Партизани и партизанки!
Вашето херојство и саможртва од почетокот на војната во 1941 година па до денес, во најстрашни услови, во борба со неспоредливо помоќни непријателски сили, беше пример за сите поробени народи во Европа. Поттикнати од решеноста да ја браните до последната капка крв својата поробена татковина, поттикнати од длабока вера во победата на својата праведна кауза, вие од 1941 година му нанесувавте немилосрдни и силни удари на заедничкиот непријател на Обединетите нации. Чесно го исполнувавте својот долг кон својата татковина. Вашите бесмртни дела засекогаш ќе живеат во срцата на нашите народи и нивните идни поколенија. Бојните полиња на славните битки на Сутјеска, Зеленгора, Козара, на Неретва и други ќе останат вечни споменици на вашиот хероизам и на херојството на нашите загинати соборци. Тие ќе ги инспирираат идните поколенија на нашите народи како се сака татковината и како се умира за неа. Тие ќе бидат споменици на нашата народна гордост во борбата за својата слобода и независност.
Новата Југословенска армија, армија искована во пеколот на најжестоките борби, армија составена од вас, вистинската народна армија која извојува такви блескави победи, мора да остане и ќе остане непоколеблив бранител на придобивките од нашата натчовечка борба. Нашите народи на Југославија, нашите ослободени браќа во Истра, Словенското Приморје и Корушка, ги вперуваат своите погледи кон вас со длабока вера дека ќе знаете да ја зачувате нивната освоена слобода.
Народи на Југославија!
Срби, Хрвати, Словенци, Македонци, Црногорци, Муслимани!
Озора големиот ден што толку многу сте го посакувале. Празник стигна и на нашите улици. Конечно е победена најголемата фашистичка сила во Европа – Германија, која нанесе многу маки и жртви на нашите народи. Победена е таа сила што сакаше да ве пороби и истреби. Германските и италијанските фашисти ве скараа меѓусебно за самите да се истребувате. Но, вашите најдобри синови и ќерки, поттикнати од љубовта кон својата татковина и кон вас, своите народи, го спречија овој ѓаволски план на непријателот. Наместо меѓусебни раздори и непријателства, денес сте обединети во една нова и посреќна Југославија. Наместо старата Југославија, расипана од внатре од корупција и неправда, денес имаме демократска федеративна Југославија на рамноправни народи. Тоа е резултат на победите на нашата славна Југословенска армија, тоа е резултат на вашата упорност, вашата саможртва и верата во праведната кауза.
Засветли големиот ден на мирот и слободата. Доаѓаат нови денови на мирна изградба на нашата разурната земја. Сега треба да извојуваме нова голема победа – да ја изградиме нашата разурната земја и да ја зацврстиме нашата вистинска народна власт. Да го зацврстиме уште повеќе нашето братство и единство, така што никогаш повеќе ниту една сила нема да може да го разруши. И за таа победа ќе бидат потребни огромни напори од сите народни сили. За таа цел ќе треба да се вложи сиот ентузијазам и саможртва, како што ги вложуваа вашите синови, браќа и сестри на бојното поле. Само со максимална посветеност ќе се скрати рокот за обнова на нашата земја.
На денот на оваа голема победа на Сојузниците над заедничкиот непријател, мислите на сите наши народи од Југославија се упатени со благодарност до славната и непобедлива Црвена армија – ослободителка и нејзиниот генијален водач – Сталин. Упатени се со благодарност до херојските народи на Советскиот Сојуз, кои во оваа натчовечка борба дадоа најголеми жртви. Упатени се и до нашите големи сојузници – Англија и Америка и нивните армии, кои за победата на праведната кауза на Обединетите нации дадоа големи жртви. Нашите мисли се упатени до сите оние народи што се бореа и страдаа во фашистичко ропство. На овој голем ден на победа мислите на нашите народи се упатени и до браќата по оружје и крв на Балканот, кои исто така издржаа големи страдања од истиот непријател и дадоа свој придонес во оваа величествена победа.
Деветти мај 1945 година е ден на заедничка победа, заеднички празник на сите Сојузни нации. Сакаме овој голем ден да биде ден на инспирација и стремеж на сите Сојузни нации кон траен мир и меѓусебно разбирање. Убеден сум дека ја искажувам желбата на сите народи кога велам дека народите на Југославија би биле среќни ако и по оваа голема победа на бојното поле, меѓу Обединетите нации владее истото единство и разбирање во мир како што владееше и во војна.
Упативам повик до сите заведени кои со оружје во рака му служеа на окупаторот, без разлика дали се наоѓаат меѓу четници, усташи, домобрани итн., веднаш да го положат своето оружје и да се предадат на најблиските власти. Во исто време изјавувам дека народите на Југославија – градители на новата, посреќна Југославија – нема да дозволат никој да им пречи во нивните напори за таа изградба. Со сите оние што би се обиделе да го продолжат страдањето на нашиот народ, нашиот народ и нашата војска ќе постапат немилосрдно.
Наредувам на сите воени единици, без разлика каде се наоѓаат, веднаш да ги разоружаат сите вооружени формации кои досега беа во служба на окупаторот или кои би се обиделе да се формираат надвор од Југословенската армија. Наредувам целиот воен материјал, лесно и тешко вооружување, магацини со воена опрема и храна, воени и други објекти веднаш да се предадат на единиците на Југословенската армија.
Да живеат нашите големи сојузници Советскиот Сојуз, Англија и Америка!
Да живее најголемата заедничка победа на Обединетите нации над заедничкиот непријател!
Да живее непобедливата Црвена армија – ослободителка и нејзиниот голем водач Сталин!
Да живее славната Југословенска армија, гордост на народите на Југославија!
Да живее братството и единството на народите на Југославија!
Слава на паднатите борци за ослободување на нашата татковина!
Смрт на фашизмот – Слобода на народот!
Преведено од: https://sr.m.wikisource.org/wiki/Titov_govor_9._maja_1945._godine