
По истекот на договореното примирје помеѓу Хамас и Израел, САД во координација со Израел нагло ги ескалираше судирите на повеќе фронтови во западна Азија. Израел започна со повторно бомбардирање на Појасот Газа, при што загинаа над 400 лица, главно цивили.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, изјави дека администрацијата на Трамп била консултирана во врска со израелските напади и дека ги поддржува. Истовремено, САД извршија бомбардирање на Сана, главниот град на Јемен, при што загинаа над 50 луѓе, исто така, главно цивили. Јеменскиот Ансаралах одговори на овие напади со ракетирање на Израел, американски бродови и со нова блокада на Баб ел-Мандеб за бродовите што пловат кон Израел.
Израелската војска продолжи со напредување во Сирија и заземање позиции во областа Дараа, без да наиде на отпор од новите сириски власти. Радикално-исламистичките власти во Сирија започнаа геноцид врз Алавитите и другите малцинства на западот на Сирија, а потоа иницираа судири на границата со Либан.
Офанзивата продолжи и на дипломатскиот фронт. Трамп продолжи со заканите за воена интервенција врз Иран доколку не го потпише нуклеарниот договор, а на тоа додаде и закани во случај Иран да не ја прекине воената помош за Јемен. Израел и САД заеднички контактираа со властите во Судан, Сомалија и самопрогласената држава Сомалиленд со цел да ги преселат Палестинците од Газа таму.