
Соопштението на здружението „Ја Штитам Беласица“ го пренесуваме во целост:
Веста за излевањето на цијанид во Крива Река е уште еден доказ за катастрофалните последици што рударската индустрија ги носи врз животната средина и здравјето на граѓаните. Оваа еколошка катастрофа не е изолиран инцидент, туку пример за она што може да се случи доколку во Струмичката котлина се дозволи отворање на рудници.
„Ја Штитам Беласица“ остро се спротивставува на било какви рударски проекти во нашиот регион! Примерот од Крива Паланка ни покажува дека профитот на рударските компании секогаш е пред здравјето на луѓето и зачувувањето на природата. Не смееме да дозволиме нашите реки, почва и воздух да бидат жртви на истиот овој систем што дозволи загадување со цијанид.
Бараме од надлежните институции:
• Итна и целосна истрага за излевањето на цијанид во Крива Река!
• Одговорност од сите инволвирани – од компанијата до инспекциските служби кои дозволиле ова да се случи!
• Построги закони и забрана за отворање на нови рудници во еколошки чувствителни региони како што е Струмичката котлина!
Овој случај треба да биде јасно предупредување за сите граѓани – не смееме да дозволиме ваква еколошка трагедија да ни се случи и нам! Нашиот регион треба да се развива преку одржливо земјоделство, туризам и чиста економија, а не преку отровни рударски проекти.