
Здружението „Ја Штитам Беласица“ утре, на 01.02.2025 организира протестен марш против аерозагадувањето во струмичкиот регион. Во прилог го пренесуваме соопштението на организацијата во целост:
До кога ќе ги труеме нашите деца?
Струмичани време е за борба. Живееме овде, работиме овде, ги растеме нашите деца овде. Но, секое утро кога ќе погледнеме низ прозорецот, не гледаме чисто небо – гледамe смог, загаден воздух и темни облаци од индустриски гасови. Мирисот на запалено масло, пластика и отпад стана дел од секојдневието. И се прашувам – до кога? До кога ќе ги жртвуваме животите на нашите деца во име на негрижа и профит?
Во последните години, загадувањето на воздухот во Струмица достигнува алармантни нивоа. Во вечерните часови, кога треба да се прошетаме со нашите деца, воздухот станува тежок, неподнослив, полн со отровни честички кои ги уништуваат белите дробови.
Нашите деца киваат, кашлаат, имаат алергии, хронични бронхити, а некои, за жал, завршуваат и со многу посериозни дијагнози.
А знаете ли што е најстрашно?
Струмица има сѐ повеќе пациенти на онкологија. Луѓе што вчера беа здрави денес се борат за живот. Млади луѓе, родители, деца… болниците се полнат, а ние сѐ уште молчиме.
Кој е виновен?
Дали индустријата што без контрола испушта отрови? Дали домаќинствата што согоруваат отпад? Дали властите што го игнорираат проблемот? Или ние, обичните граѓани, кои се навикнавме на сето ова како да е нормално?
Ова НЕ е нормално! Не е нормално децата да дишат токсичен воздух! Не е нормално толку многу млади луѓе да заболуваат од рак! Не е нормално да дозволуваме ова да продолжи без отпор!
На 01.02 во 11ч. со почеток од Дом на АРМ во Струмица, да излеземе на ПРОТЕСТ и да побараме одговорност !
Ја Штитам Беласица секогаш ќе застане во одбрана на здравјето на луѓето и заштита на животната средина ! – Се додава во соопштението на „Ја штитам Беласица“