Размислувајќи за улогата на големите личности во историјата, ние скоро секогаш стануваме жртва на некоја оптичка измама, на која ќе биде полезно да им се обрне внимание на читателите.
Штом истапи во улогата на „добра сабја“ којашто го спасува општествениот поредок, со самото тоа Наполеон ги отстрани од таа улога сите други генерали, од кои некои можеби ќе ја одиграа таа улога исто така или скоро исто така како тој самиот. Штом општествената потребност од еден енергичен воен управник била задоволена, општествената организација им го заградила патот кон местото на воен управник на сите други воени таленти. Нејзината сила станала сила неблагопријатна за пројавување на други таленти од тој вид. Благодарејќи на тоа и произлегува онаа оптичка измама за која зборуваме. Личната сила на Наполеона ни се јавува во крајно преувеличен вид, бидејќи ѝ ја припишуваме сета онаа општествена сила којашто ја истакнала и ѝ давала подршка. Таа ни изгледа како нешто наполно исклучително, бидејќи другите сили, слични на неа, не минале од возможност во реалност. И кога ни велат: што би било кога би го немало Наполеона, тогаш нашата вообразба се збркува, и ни се чини дека без него сосем не би можело да се изврши сето она општествено движење на кое се засновуваше неговата сила и влијание.
Во историјата на умствениот развиток на човештвото, успехот на една личност неспоредливо поретко го попречува успехот на друга личност. Но и таму ние не сме слободни од покажаната оптичка измама. Кога дадена положба на општеството поставува пред неговите духовни претставници извесни задачи, тие задачи го привлекуваат вниманието на истакнати умови се дотогаш додека не успеат да ги решат. А штом ќе им појде тоа на рака, нивното внимание минува на друг предмет. Штом ќе ја реши задачата X, даден талент А со самото тоа го насочува вниманието на талентот В од таа веќе решена задача кон друга задача. И кога вас ве прашуваат што би било ако умреше А, којшто не успеал да ја реши задачата X, ние си вообразуваме дека би се прекинала нишката на умствениот развиток на општеството. Ние забораваме дека во случај на смртта на А за решување на задачата би можел да се зафати В, или С, или D, и дека по тој начин нишката на умствениот развиток би останала цела и покрај предвремената смрт на А.
За да може некој човек со извесен талент да придобие, благодарејќи на тој талент, големо влијание врз текот на настаните, потребно е да постојат два услова. Прво, неговиот талент треба да го направи попригоден од другите за општествените потреби на дадената епоха: ако Наполеон место својот воен гениј, ја имаше музикалната дарба на Бетовена, тогаш тој, се разбира, не ќе станеше император. Второ, општествениот поредок што постои не треба да ѝ го препречува патот на личноста што го има даденото својство, потребно и полезно токму во тоа време. Истиот Наполеон ќе умреше како малку познат генерал или полковник Бонапарта, ако стариот режим потраеше во Франција уште некои седумдесет и пет години. Во 1789 година, Даву, Дезе, Мармон и Макдоналд беа потпоручници, Бернадот — наредник; Гош, Марсо, Лефевр, Пишегри, Неј, Масена, Мира, Сулг — подофицери; Ожеро — учител по мечување; Лан — бојаџија; Гувион Сен-Сир — артист; Журдан — поштар (разносувач); Бесијер — бербер; Брин — слагач на букви; Жубер и Жино — студенти на правен факултет; Клебер — архитект; Мортие не стапувал на воена служба до самата револуција.
Ако стариот режим продолжеше да постои сѐ до денеска, тогаш на никого од нас не ќе му дојдеше на ум дека кон крајот на минатиот век некои артисти, типографи, бербери, бојаџии, јуристи, поштари и учители по мечување биле воени таленти во возможност.
Стендал забележува дека човек што би се родил едновремено со Тицијана, т.е. во 1477 година, би можел да проживее 40 години со Рафаела и Леонардо-да-Винчи, од кои првиот умрел во 1520, а другиот во 1519 година, дека би можел да помине долги години со Кореѓо, којшто умрел во 1534 година, и со Микел-анѓело, кој живеел до 1563 година, дека не би имал повеќе од триесет и четири години кога умрел Горѓони, дека би можел да се познава со Тинторето, Басано, Веронезе, Јулиј Романо и Андре дел-Сарто; дека, со еден збор, би бил современик на сите големи сликари, со исклучок на оние што ѝ припаѓаат на Болоњската школа, којашто се јавила цел век подоцна. Исто така може да се каже дека човек, што се родил во истата година во Воуермана, би можел лично да ги знае скоро сите големи сликари на Холандија, а врсникот на Шекспира живеел едновремено со цел ред извонредни драматурзи.
Уште одамна е забележено дека талентите се јавуваат секаде и секогаш, каде и кога постојат општествени услови коишто се благопријатни за нивниот развиток. Тоа значи дека секој талент што се пројавил во реалноста, т.е. секој талент, којшто станал општествена сила — е плод на општествените односи. Но ако тоа е така, тогаш е разбирливо зошто талентираните луѓе можат, како што рековме, да ја изменат само индивидуалната физиономија, а не општиот правец на настаните; тие самите постојат само благодарение на тој правец; ако не беше тој, тие никогаш не би го пречекориле прагот што ја одделува возможноста од стварноста.
Само по себе се разбира дека од талент до талент има разлика. „Кога новиот чекор во развитокот на цивилизацијата доведува до нов вид уметност), — со право вели Тен, — се јавуваат десетици таленти коишто општествената мисла ја изразуваат само на половина, околу еден или двајца гении, што ја изразуваат совршено“. Ако било какви механички или физиолошки причини, коишто не се сврзани со општиот тек на социјално-политичкиот и духовниот развиток на Италија, ги убиеја уште во детство Рафаела, Микеланѓело и Леонардо-да-Винчи, тогаш италијанската уметност ќе беше помалку совршена, но општиот правец на нејзиниот развиток во епохата на Ренесансот ќе останеше ист. Рафаел, Леонардо-да-Винчи и Микеланѓело не го создале тој правец: тие биле само негови најдобри изразители. Навистина, околу генијалниот човек обично никнува, цела школа, притоа неговите ученици се стараат да ги усвојат дури и неговите најситни потфати: затоа празнината што би останала во италијанската уметност од епохата на Ренесансот поради раната смрт на Рафаела, Микелангела и Леонардо да-Винчи, ќе извршеше силно влијание на многу второстепени особености во нејзината понатамошна историја. Но и таа историја во суштина не би се изменила, ако само поради некои општи причини не би дошло до некоја суштествена промена во општиот тек на духовниот развиток на Италија.
Познато е, меѓутоа, дека квантитативните разлики најпосле минуваат во квалитативни. Тоа е точно насекаде; следствено, точно и во историјата. Извесна струја во уметноста може сосем да остане без каков и да е значаен израз, ако неблагопријатниот стек на околностите однесе, еден по друг, неколку талентирани луѓе коишто би можеле да станат нејзини изразители. Но предвремената смрт на тие луѓе ќе му попречи на уметничкиот израз на таа струја само во тој случај, ако таа не е доста длабока, за да истакне нови таленти. А бидејќи длабочината на секој даден правец во литературата и во уметноста е обусловена од неговото значење за онаа класа или слој чиишто вкусови ги изразува, како и од општествената улога на таа класа или слој, затоа и тука сѐ зависи во крајна линија од текот на општествениот развиток и од соодносот на општествените сили.
Извор: Макрсистичка онлајн архива