
Според Еуростат, Македонија во 2024 година има најскапа електрична енергија во регионот, со цена од 6,08 денари за киловат-час. Во споредба со соседните земји, во Албанија цената изнесува 5,72 денари, во Црна Гора 5,49, во Србија 4,81, во Босна и Херцеговина 4,45, а во Косово најниска – 4,05 денари.
Според ТРТ Балкан, 95 отсто од македонските домаќинства трошат од 0 до 700 киловат-часови месечно, што значи дека повеќето семејства ќе имаат пониски сметки за струја. Во споредба со европските главни градови, податоците од 3 јануари 2025 година покажуваат дека цените на електричната енергија се најниски во Будимпешта (9,1 центи/kВч), Киев (9,8 центи/kВч), Белград (10,5 центи/kВч) и Подгорица (11,1 центи/kВч), додека највисоки се во Берлин (40,4 центи/kВч), Брисел (38,5 центи/kВч) и Копенхаген (37,5 центи/kВч). Просекот во ЕУ изнесувал 25,5 центи за киловат-час, а најголем дел од градовите во Централна и Источна Европа имале цени под овој просек, со исклучок на Прага (35,3 центи/kВч).
Во Македонија, последното зголемување на цените беше од 18 декември и стапи на сила од 1 јануари годинава, при што просечното поскапување изнесуваше 0,92 проценти. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека зголемувањето по блокови се движи од 0,62 до 2,24 проценти, а евтината струја се зголеми за 0,9 проценти. Новите тарифи по блокови сега изнесуваат од 6,58 денари во првиот блок до 20,4 денари во четвртиот блок.
Засега, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија не најавиле ново поскапување на електричната енергија, објави ТРТ Балкан.