Фото: Приватна архива
Самоизмамата е голема болест на човекот. Како што умеел Карл Јунг да каже: единственото зло за човекот е самиот човек. И нормално, во неговото време таква изјава имала целосна вистина. Во нашето време на потенцијален еколошки колапс, нуклеарна катастрофа и големиот пробив на технологијата и вештачката интелигенција во нашите животи, покрај злото што излегува од нас за нас, се заканува зло и од сосем поинакви размери, досега невидени во човечката историја. Човештвото за прв пат се соочува со технологија и новитети кои потекнуваат од интелигенција надвор од неговата глава, односно интелигенција која има способност да се подобрува сама себе, да се коригира сама себе и најважно да го користи јазикот – нешто што досега, низ целокупната историја било резервирано само за луѓето.
Нејсе, ние како Македонци (или пошироко Балканци) малку доцниме зад модерните текови на живеењето. Кај нас во отсуство на вистински напредок, самоизмамата дека нешто правиме од државнички и колективен аспект ни доаѓа на голема врата. Редно е да не се лажеме самите себе и да си го поставиме прашањето кое одамна требаше да го имаме одговорено: што мислевме ние во годините кога баравме независност за оваа држава? Држава со име Македонија, македонска нација и македонска (крвава и црна) историја? Држава која сите соседи ќе ја имаат на мета, а најмногу ние самите. Зар во долгата македонска историја, народите што живееле на македонската земја знаеле што е тоа слобода, автономија и независност? Дали нашите претходници знаеле кој е вистинскиот товар на самоуправата? Правото на живот, слобода и чест не е од Бог дадено, тоа е должност, напор, пред сѐ кон самите себеси.
Без да навлегуваме во историски детали, едноставно кажано: ние на Балканот, пред да си замине Османлиската империја од овие простори, сме немале образец за тоа како треба да изгледа една држава, институција и каков треба да биде менталитетот на луѓето за да изградат сложени мрежи на соработка и функционирање. Османлиите доаѓаат во Македонија во 1371, а си одат во 1913. Сѐ ќе било во ред и со нас доколку во западна Европа не настанува научната револуција во 17 век, а потоа не дошле капитализмот, индустриската и националната револуција во 18/19 век. Сепак, западна Европа во тие години станува светска сила од сите аспекти, а оние кои не можеле да го држат чекорот со неа, остануваат назад. Така било и со Османлиската империја, односно Македонија како дел од неа.
И додека западноевропските држави прават модерни општества и колективи, со наука, технологија и образование, Балканот останува во една средновековна феудална империја. Во таа империја државата не управувала со сите работи туку им дозволувала на ,,поданиците” сами да си ги уредуваат внатрешните прашања. Тие внатрешни работи биле раководени од црквата и нејзината администрација. За да се раководи колектив се потребни писмени луѓе кои знаат да читаат и пишуваат, а такви имало единствено во црквата како институција. Црквата решавала за образование, бракови, култура, некои закони, односно таа била институција или заедница што ја чувала душата на христијаните и ги подучувала какви луѓе треба да бидат. Тоа е познатиот т.н ,,милет систем” на Османлиската империја. Милет системот е всушност институција на ,,поданиците” на Османлиите која империјата дозволила да има автономија и самоуправа, со ограничен степен секако.
Зошто е толку важен овој милет систем? Затоа што тој ја претставува основата на модерните балкански нации и држави. Модерните држави во 19 и 20 век се базирале врз нациите. Националната, индустриската, економската (капитализмот) и научната револуција претставуваат историски чекор напред во животот и организацијата на човештвото, независно од сите недостатоци што ги имале. Но, додека во западна Европа основата за националната држава произлегува од новите економски класи – трговци, бизнисмени, индустријалци, банкари и инвеститори, адвокати, професори и научници, кај нас нацијата произлегува од единствената институција која имала бирократски апарат: црквата или ,,милет системот” (зборот милет значи народ).
Едно треба да ни биде јасно – милет институцијата не била совршена, не била направена според модерните текови на 19 и 20 век, таа била повеќе средновековна и феудална институција. Ги групирала луѓето според религија, па во рамките на еден милет се наоѓале повеќе етнички заедници: Грци Бугари, Срби, Албанци, Македонци, Власи, Роми итн. Сепак, секоја институција во таа империја била изградена да ја штити империјата од распаѓање и не се грижела доколку меѓу разните нејзини народи има поделби, туку напротив. Проблемот настанува во добропознатиот историски факт – напредокот на човештвото не сака поделби, сака заедница која соработува меѓу себе, а тоа најдобро се прави преку институциите, бирократијата и добрата организација.
За да се изградат ефикасни институции т.е држави во 19 и 20 век потребни биле ментори, помошници кои ќе понудат ,,обука” и поддршка (војска, пари, луѓе, логистика, политичка поддршка итн.). Такви можело да се најдат во другите големи држави или империи, без нив е невозможно да се направи успешно востание или револуција која ќе доведе до создавање независна држава или група. Соседните држави имаат повеќе среќа. Македонија, за жал, во 20 век влегува со феудален и средновековен менталитет, сама, без сериозна надворешна поддршка, оставена на соседните држави да ја решаваат како нивно внатрешно прашање. Во тие години додека Европа гради авиони и ги открива релативноста и радиоактивноста, Македонија се бори во крв до колена.
Понатамошната историја на 20 век, по заминувањето на Османлиите е општо позната. Македонија е поделена меѓу соседите кои веќе имале изградено држави, бирократија, војска и неопходен државен систем. Во такви услови македонскиот народ е ставен во најлошата можна положба помеѓу чеканот и наковалната – други ги раководат институциите во кои тој се образува, други му кажуваат што треба да прави, да биде, да мисли. Тоа не е слобода. И покрај нашата борба за слобода, македонскиот колектив доживува многу порази во 20 век. И кога некоја група со таква историја ќе дојде на положба да гради независна држава, односно ќе биде учена-недоучена, ќе направи тоа што правиме ние од 1991 наваму. Дури и периодот на Социјалистичка Македонија не е целосна независност, туку повеќето одлучувачки фактори и ингеренции доаѓале од Белград.
Да не се лажеме сами себе, ние денеска немаме сериозна држава. Имаме проблеми во сите сегменти и само глумиме дека сме држава. Македонските институции во 1991 само делумно биле подготвени да се управуваат сами себе. Едноставно затоа што тие институции не биле изградени како што треба и пред тоа, од 1945 до 1991. Независно дали немало време, можност или политичка волја. Ние и да сакаме, сите да сме сложни и одлучни за нашата иднина и визија, пак би имале тешкотии да ги оствариме. Но, луѓето се луѓе, а не Богови. Општ консензус за Македонија е речиси невозможен, затоа што самата наша историја е таква: ирационална и поделена, само Бог знае од каде наоѓала сили да се бори за сама себе.
Ова што ни се случува, овој дефетизам и разочарување не е воопшто чудно. На светот и човештвото откако постојат им се случуваат вакви работи. Македонија е дел од светот и светот е дел од Македонија. Дури би рекол, оваа анархија од држава е многу човечка работа која секако нема да трае вечно, но ќе нѐ измачи нас што сме имале ,,среќа” да ја искусиме. Сепак животот на овој свет е комплициран, никој никогаш не ни ветил дека ќе биде лесно. И многу пати комплицираноста ја правиме самите ние, внатрешно. Ако не и секогаш.
Гледајќи ја судбината и моменталните предизвици на целото човештво, сѐ е ставено под знак прашалник. Сиот 21 век за човештвото ќе биде историска транзиција. Нема сомнеж дека и ние ќе бидеме дел од неа, но треба да знаеме дека рецидивите (повторно враќање на прележана болест) на македонската историја ќе ги пратат и идните генерации. И токму тие рецидиви се виновни за слабата економија, образование, хаотична политика, корупција, лошо здравство, поделби итн.
Да се надеваме дека новите технологии и можности кои широко влегоа во нашите животи, ќе направат барем и минимална промена, дури и за Македонија. Независно дали ние тоа го сакаме или не. Независно дали тие ќе бидат позитивни за целото човештво или не. Останува надежта дека идните генерации, растени и воспитувани во ,,глобалното село” под влијание на интернетот, социјалните мрежи, достапноста на светското знаење, образование и познавањето светски јазици ќе успеат да извојуваат триумф на македонската иднина над лошото минато. И конечно да се вклучиме како држава и заедница во модерните текови.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“