
Пишува: Магдалена Петровска, дипломиран правник
„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.“
Народноослободителната борба претставува искрата на отпорот,која ги разгоре срцата на балканските народи. Под паролата „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ се обединија југословенските народи за своето постоење и иднина. Организацијата,под водство на КПЈ, беше заснована на хуманост, социјална правда и револуционерни идеи. Социјалните и политичките трансформации зад сцената беа клучни за ослободувањето на Југославија и Македонија. Повикот за борба стануваше сè погласен, а на него одговори и старо и младо, машко и женско – сите решително обединети да го освојат своето слободно и достојно место под Сонцето.

Во пресрет на Втората светска војна,политичката активност на жените во Југославија добиваше сè поголем замав. Под раководство на КПЈ, жените беа сведоци на историските превирања и двигатели на промените, носители на храброста, чуварки на идеалите за слобода и правда. Годината 1936 донесе голема акција – „За мир и слобода“,во која 600.000 жени беа креатори за својот бунт против воените сенки што се надвиснуваа над Европа. Година подоцна, нивниот глас одекна по градските улици, на демонстрациите против сè поагресивната фашистичка закана, почнувајќи од Аншлусот на Австрија, преку Минхенскиот договор до Судетската криза. Во тие бурни времиња, кога стравот и надежта водеа тивка битка во срцата на луѓето, 16 храбри жени од Југославија заминаа да ги бојат страниците на историјата со својата борба во Шпанската граѓанска војна. Нивната решителност не запре тука. На Петтата конференција на КПЈ во есента на 1940 година во Дубрава, Загреб, Вида Томшиќ со пламен во својот глас го претстави извештајот „За работата на жените“, сведочејќи за нивната несопирлива енергија и заложба за промени. Нејзиниот говор беше манифест на непокорливоста, повик за акција и сведоштво за едно ново време. На истата конференција, во новиот Централен комитет на КПЈ се вклучи и Спасенија Цана Бабовиќ. Бурата што веќе се креваше над светот им задаваше на жените уште потешки предизвици – присуство на фронтовите, во партизанските редови, во тајните заседанија на отпорот. Тие беа и мајки и сестри и сопруги,но тие беа и борци и лидери и визионерки. Сепак,најскапиот идеал на човекот тлееше најсилно во македонските женски срца.
Во долготрајната македонска борба народ за национална слобода,видна улога зедоа македонските жени. Нивниот придонес непосредно пред НОБ беше многустран – од снабдување со облека и храна,одржување врски и контакти,па до здравствена и болничка нега. Славната и крвава епопеја на македонската народноослободителна борба е врзана со храбрите подвизи на жените за време на борбите, во улогата на бомбардерки,пушкомитралесци и болничарки. На повикот на КПЈ,жените од Македонија масовно се вклучија во борбата,учествувајќи непосредно во партизанските единици,во санитарните групи,во илегалните печатници и партиските раководства,како и присуството во заднинските активности. Биле курирки, растурале весници,летоци,известувајќи за позициите и движењето на непријателот,а ги помагале и затворениците и илегалците…Македонската жена, иако измачувана и обесправена, имала непоколеблив дух и нејзината пожртвуваност е во првите редови на создавањето на македонската држава.
На посебен пиедестал треба да се постават жените од Македонија кои се вклучиле во редовите на КПЈ, бидејќи нивниот придонес не се мери само со храброста на боиштата, туку и со нивната борба за една поинаква социјална реалност. Тие беа носители на идеи кои го променија односот кон жената во секојдневниот живот, ослободувајќи ги од стереотипите и ограничувањата на патријархалното општество. Со своето активно учество во партиските активности, организацијата на отпор и во креирањето нови социјални вредности, тие го дефинираа новото место на жената во македонската и југословенската држава,борејќи се за еднакви права и можности. Тие претставуваат стожер на стоичката ‘рбетност пред фашистичкиот окупатор.

Меѓу најистакнатите хероини се Магдалена Антова, македонска комунистка од Куманово и првата партизанска жртва во НОБ при Карадачкиот партизански одред. Раководела со просветните групи и работела меѓу жените од кумановските села, активно учествувајќи во акциите што непосредно пред војната ги организирале КПЈ и СКОЈ во градот. Ибе Паликуќа, една од седумте партизанки од Македонија и најмладите народни херои на поранешна Југославија, своето дело го започнува во родниот Дебар како неуморна курирка. Во август 1944 година, нејзината храброст ја носи до чинот на заменик – комесар на чета во Четвртата албанска бригада. Далекусежно е делото на битолската болничарка Естреја Овадија – Мара, народна хероина, асномски делегат и учесничка во Февруарскиот поход, чие дело се закитува со титулите заменик – комесар на чета при Третата македонска ударна бригада и комесар на баталјон при Седмата македонска бригада. Големата посветеност кон идеалите се одзорнува и од ликот на Елпида Караманди, првоборка во Битолскиот партизански одред „Пелистер“ и оперативниот систем зад логистичките активности и тајното пренесување на информации во Битола. Од класата на великанот Конески е и битолската првоборка со заслужена Споменица – Ратка Бакалиноска, учесничка во НОБ од 1943 година и трн во очите на балистите. Слободата го опламени и срцето на младата Невена Георгиева – Дуња, една од најпргавите партизанки при Првиот Скопски партизански одред и Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, која летоците и разновидниот материјал вешто ги криела во нејзините фустани. Тука е и Вера Јоциќ, народната хероина и воспеаната муза на Ацо Шопов во „Очи“, која била заменик политички комесар на Третиот кумановски партизански одред и на кумановските баталјони „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, а од февруари 1944 година и на Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада. Од редот храбри битолчанки,кои ги посветија своите животи на НОБ се и Милица Стојчева – Ацева, која од 1942 година тајно помагала на борбата, чувајќи и пренесувајќи илегалци, оружје, храна и летоци; Вера Ангелова, која од септември 1941 година, како член на женска скоевска група, собирала помош, растурала илегален материјал и организирала млади жени за учество во НОБ и Василија Алексовска – Кица ,млада курирка и првоборка во одредот „Гоце Делчев“ и Првата македонска ударна бригада.
Мигот на историски преврат на македонскиот е народ е основањето на АСНОМ, симбол на новата ера,која го обедини народот во борбата за слобода и Македонија ја постави на патот кон политичка зрелост и достоинство, со поглед кон една нова, слободна и рамноправна иднина. Неговите делегатки и приврзанички имаа незаменлива улога во процесот на создавањето на новата реалност во сеопфатните политички и социјални трансформации, кои ја поттикнувале слободата и правдата во Македонија. Вооружени со духот на отпорот и верба во правдата,тие учествуваа во сеопфатните политички,социјални трансформации и во организирањето на здруженија,кои биле основа за ослободувањето од окупаторот. На заседанијата на АСНОМ, на кои присуствувале околу 60 делегати, се истакнале и претставнички на женскиот отпор – Веселинка Малинска, Вера Ацева, Мара Нацева, Марија Кабрева, Лилјана Чаловска и Васка Дуганова, хероините кои со својата пожртвуваност и визија за слобода го обележале патот кон новото утро над Македонија.
Во редот на носителки на признанието „Партизанска споменица 1941“ е Вера Ацева – Доста, член на Президиумот на АСНОМ и комесар на Шарскиот партизански одред и Првата македонско – косовска бригада. Нејзиниот придонес го бележи и формирањето на Првиот прилепски партизански одред,кој на 11 октомври 1941 година ја распламти НОБ во Македонија. По неа значајна е и Фана Кочовска – Цветковиќ, најмладата народна хероина и учесничка во Февруарскиот поход. Нејзиниот успех се темели на учеството во Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и нејзината титула како раководител на баталјонот „Стив Наумов“.
Покрај КПЈ и младинската организација, женскиот ангажман кулминираше и во антифашистичките одбори, коренот на современата македонска локална самоуправа, формирани на ослободените територии во текот на 1943 и 1944 година. Преку нив, избраните одборнички,а ктивно беа вклучени во актуелните проблеми во тие краишта. Со овие подвизи беа удрени темелите на Антифашистичкиот фронт на жените. Во пролетта 1943 година, во Кавадарци беше оформен првиот одбор на АФЖ,а наскоро потоа, движењето се прошири и во Неготино и Велес. Велешкиот регион има посебно место во историјата на НОБ, покрај формирањето на Президиумот на на НОБ, ЦК и КПМ, Главниот штаб на НОБ и партизанската печатница „Гоце Делчев“ кај селото Горно Врановци, така и за тајниот состанок на членките на Иницијативниот одбор, предводени од Веселинка Малинска, за формирање на АФЖ во септември 1944 година. Оваа средба била клучна за создавањето на Привремениот Главен одбор на АФЖ за Македонија. Четири месеци по историското Прво заседание на АСНОМ, кое на 2 август 1944 година го означи создавањето на македонската држава, на 15 декември истата година, во слободно Скопје,во денешното кино „Култура“ (тогашно кино „Уранија“) се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија, на која учествуваа околу 400 делегатки. За првпат во историјата, жените во Македонија како полноправни граѓани го кренаа својот глас за конечниот пораз на фашизмот и да го изразат својот став за народната власт и своето непосредно учество во истата. На конститутивната седница, непосредно по обраќањето на Димитар Влахов,беа конституирани Главниот одбор, Извршниот одбор и Пленумот.

АФЖ играше незаменлива улога во еманципацијата на македонските жени, поставувајќи ги образованието и писменоста како главни столбови на своето делување. Во време кога жените беа најпогодени од неписменоста и маргинализирани во општеството, АФЖ се избори за нивната интеграција и напредок, издигнувајќи ги како важен дел од процесот на ослободување. Како моќна општествено – политичка сила, АФЖ дејствуваше до 1953 година, кога беше трансформирана во Сојуз на женските друштва на Македонија. Во 1961 година, организацијата доби ново име „Конференција за општествена активност на жената“,кое подоцна ќе стане познато како „Конференција за општествена активност и положба на жената“.
Со независноста на Република Македонија во 1991 година, организацијата престана да постои, но нејзиниот аманет за унапредување на правата и улогата на жените продолжи да живее преку Организацијата на жените на Македонија.
Уште еден клучен прелом на АФЖ е креирањето на првото женско списание на македонски јазик „Македонка“. Неговото креирање ги афирмирало првите медиумски авторки и ја формирало македонската читателска публика. Неговата историја е сложена и исполнета со предизвици, а патот до неговото прво издание бил специфичен. Материјалите и техниката поминале низ неколку места – од Горно Врановци, преку Велес и Прилеп, сè до Битола, каде што конечно било отпечатено првото издание во ноември 1944 година. Печатењето започнало во печатницата „Гоце Делчев“ во Горно Врановци. По ослободувањето на Прилеп, списанието било делумно допечатено таму, а својот конечен изглед го добило во Битола, каде што излегол и вториот декемвриски број. Со своето постоење, „Македонка“ стана симбол на женската еманципација и гласноговорник на борбата за слобода, оставајќи траен печат во македонската историја.
Меѓу носителките на „Партизанската споменица 1941“ се вбројува и асномската делегатка Веселинка Малинска, секретар на Главен одбор на АФЖ,уредник на списанието „Македонка“ и весникот „Нова Македонија“, пратеничка и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Во пламенот на НОБ во Егејска Македонија истакната е просветната работничка Мирка Гинова, која стана факел на надеж,опеан во народното творештво на Егејците во песните „Мирка на Гинови“ и „Тихо Мирка заспала“. Со своето учество во антифашистичката борба во Грција инспирирала млади регрути да се приклучат кон истата, а формирала и свој партизански одред на планината Почеп, Воденско. Своевремено била и секретар на АФЖ во Воденскиот округ. Осудена е на смрт со стрелање од воениот суд во Ениџе – Вардар и умира, бранејќи ги своите промакедонски идеали пред новите окупатори. Одликувани со Споменицата се и заложбите на гевгеличанката Васка Дуганова, правник чиј антифашистички жар ја понел на фронтот и учество во АСНОМ од 1945 година. Тука е и Васа Алтипармакова, активистка и делегат на АФЖ, задолжена за снабдување со храна и облека и организација на тајни состаноци. Љубовта кон татковината,оплеменета со идеалите на антифашистичкото движење го беше пренела Васка Циривири врз своите две ќерки – борци, Вера и Нада. Достигнувањата на Циривири – Трена се одликувани со „Партизанска споменица 1941“ за врвната организација и инструктурирање на прилепските месни комитети.Таа е избрана за прва Претседателка на АФЖ на конститутивната седница во Скопје. Во рамки на АФЖ значајна е и последната жива народна хероина од Македонија, Мара Нацева, затвореничка на бугарските фашисти во Софија и во бугарскиот логор за жени кај Асенов град. По затворското ослободување, назначена е за секретар на КПМ, а делегат е и на Првото заседание на АСНОМ, како и член на Президиумот на АВНОЈ. Носител на Споменицата е и битолчанката Таса Илиевска,приврзаничка на антифашистичката борба од самиот почеток.

Имаше и такви,чии судбини се стопија во логорските пламени,меѓу кои и битолчанките Солчи Алба и Сара Ароести, членки на СКОЈ, активно собирале народна помош и организирале младинки за шиење и плетење облека за борците на НОВ и ПОМ, сè до 11 март 1943 година, кога биле депортирани во логорот Треблинка, каде трагично го загубиле животот. Врежани во грозоморните,логорски сведоштва се и ликите на битолчанките Ана Анаф, Ребека Арути, Матилда и Ребека Аруести…
Покрај нив и други храбри жени од Македонија оставиле вечна трага во НОБ, заедно со уште 5.740 жени, покажувајќи сила и одлучност во најтешките моменти. Од нив, околу 300 го положиле своите животи за слободата на својата татковина, 141 жена од Македонија го носат признанието „Партизанска споменица 1941“, а 11 од нив биле меѓу првите стотина борци кои својата храброст ја втемелија во новоформираната, слободна Македонија. Заедно со нивните соборци ги вплетија своите судбини и залагања за граѓанските правата и достоинството во темелот на Македонија.
Македонските жени од времето на НОБ и АСНОМ се вистински симбол на храброст и решителност. Сведочејќи на овие историски настани, неуморно ја обликувале иднината на својот дом. По создавањето на новата држава, македонските жени продолжиле да се борат за своите права, за подобрување на социјалниот статус и за создавање порамноправно општество. Нивната пожртвуваност создаде темели за идните генерации, отворајќи пат за активно учество на жените во сите општествени сфери. Денес, наследството на овие храбри жени продолжува да инспирира и да мотивира. Жените во Македонија и денес играат клучна улога во политиката, културата и општествените промени, носејќи го духот на нивните претходнички – непокорни, силни и одлучни во борбата за правда и еднаквост.
Дами мои,ви го честитам 8 Март! Вашите амбиции, сила, храброст и упорност нека ги рушат бариерите пред вас на патот кон новите цели.
Со неизмерна љубов и почит кон делото на мојата баба Мариго Божиновска, учесничка во НОБ при НОПО „Даме Груев“, член на ПО на Македонија и околискиот комитет на АФЖ Ресен.