
Минималната синдикална кошница за февруари 2025 година изнесува 63.773 денари, што е за 521 денар повеќе во споредба со јануари, кога изнесувала 63.252 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, трошоците значително се зголемуваат, при што вкупниот износ достигнува 79.148 денари.
Според пресметките на ССМ, најголем дел од буџетот, односно 23.427 денари или 36,7 отсто, се издвојува за храна и пијалаци, додека останатите расходи вклучуваат облека и обувки (5.800 денари), сметки за комунални услуги (6.096 денари), транспорт (4.844 денари) и други категории како здравје, образование и рекреација. За комуникации, рекреација, хотели и ресторани, како и останати стоки и услуги, семејствата трошат од 1.100 до 7.036 денари.