
Реакцијата на здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје ви ја пренесуваме во целост:
Ние од здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје. сме револтирани и ужаснати од резултатите од Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, објавени од Министерството за култура и туризам на 03.02.2025 година, согласно кои, тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО не добива никаква финансиска поддршка.
ПРВО ПА ЖЕНСКО е единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам. Во текот на 12те години континуирана работа, наспроти сите ограничувања и предизвици со кои се соочуваме на локалната независна културна сцена, Фестивалот стана, меѓународно препознаена, референтна точка за современите културни и уметнички практики што ги артикулираат родовите прашања и промовираат критичко промислување во културата и општеството.
Со оваа дрска одлука актуелното Министерството за култура и туризам испраќа јасна порака дека нема интерес за поддршка на критички културни содржини кои се засноваат на принципите на родова еднаквост, а и го оневозможува и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто.
Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам прави напад врз културните работници/чки, врз уметниците/чките, врз граѓан(к)ите кои ја препознаваат, поддржуваат и придонесуваат кон независната, критичка и феминистичката културна продукција.
Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам на Република Македонија просто го прави она што актерите на независната културна сцена и го очекуваа, слушајќи ги предизборните обраќања на денешните функционери – недвосмислено и дефинитивно покажува дека презира жени – особено ако се феминистки, ЛГБТИК+ лица и воопшто маргинализирани групи, за кои, според нив, нема место во културата!
Тенденциозното неподдржување на здруженија кои во полето на културата работат на промовирање и застапување на правата на маргинализираните заедници, не е само спротивно на националните стратешки приоритети во културата, усогласени со приоритетите на Европската Унија, кои Владата тврди дека ги почитува. Тоа отвора и сериозни сомнежи дека предрасудите и дискриминацијата се повторно темел на начинот на кој се носат одлуките во ова Министерството, инаку надлежно да ја негува културата како инструмент за критичко преиспитување на нееднаквостите во општеството и да поттикува развој на инклузивни политики.
Ние од Тиииит! Инк. – Скопје и поширокиот тим на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО одбиваме да ја прифатиме институционалната неправда која ја оневозможува критичната мисла во културата и промовира ксенофобија, мизогинија и хомофобија во нашето кревко општество!
ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе продолжи да го чува просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура!
ПРВО ПА ЖЕНСКО постоело и ќе постои, наспроти сите неправди!
И годинава ќе има ПРВО ПА ЖЕНСКО!
Ќе (ве) преживееме! – Се вели во реакцијата на Тиииит!