
Во македонската јавност веќе години наназад од страна на разни политички и општествени актери континуирано се шири еден многу голем и многу штетен мит а тоа е митот за „аполитичноста“, конкретно за аполитичноста на младите како една од најранливите и општествено најисклучените демографски категории.
Овој мит се должи првенствено на една честа но многу штетна грешка а тоа е поистоветувањето на партијата и партиското со политиката и политичкото.
Демистифицирано и наједноставно кажано политиката претставува начин на водење и управување на општеството, од најситните детали (дали на улицата каде што живееме има ѓубре) до омилената тема на средновечни мажи на социјални мрежи, геополитика (дали да „одиме“ со Русија или со Америка) и сe што сѐ наоѓа измеѓу.
Политиката е составен дел од тоа што значи да се биде човек. Секој од нас има илјадници ако не и повеќе ставови за разноразни лични прашања (Дали да се иселувам од државава? Дали да се „замарам“ на факултет иако знам дека знаењето нема да ми се цени? Дали ќе си „најдам“ девојка/дечко…) како и општествени прашања (Каков став треба општеството да заземе за ЛГБТИ+ лицата? Дали конечно човештвото ќе се спротивстави на неокапитализмот кој ја уништува планетата а со тоа и ние самите како биолошки вид? Која улога треба религиските институции да заземаат во секојдневниот живот? Во која мера Македонија треба да се „замара“ со геноцидот во Палестина?…), ставови кои се во својата суштина политички, односно (во помал или поголем дел) се однесуваат на управувањето на општеството.
Додека партиите пак, (во теорија) ги анализираат и делуваат на актуелните случувања низ призмата на нивната идеологија и ги претставуваат граѓаните кои им ја дале својата доверба (својот легитимитет и суверенитет) на непосредни и тајни избори, многу поедноставено но суштината е таа.
Секако, нема човек во Македонија кој горе напишаново за политичките партии го сфаќа сериозно (што, патем, исто така е политички став). Во 34ве години „независна“ Македонија политичките партии се претворија во криминални акциони друштва кои буквално ја картелизираа и угушија секоја пора на општеството со цел крадење на народните (твоите и моите) пари и нивно брзо распределување и пренесување во сопствени трансакциски сметки.
Токму тука е и замката во која сме уловени како општество, преку сеприсутноста на политичките партии во нашите животи ние ги имаме двата поима изедначено.
Друг елемент кој е многу важен за постоењето митот за аполитичноста се статистичките податоци. Имено на глобално ниво, а и во Македонија граѓаните се помалку гласаат (особено младите), се помалку членуваат активно во политички партии, се помалку се дел од синдикати и работнички движења па дури и се помалку сѐ здружуваат во разни граѓански организации.
Овие статистики се многу убедливи и многу залажуваат (знам бидејќи сум ја направил истата грешка) кон тоа дека луѓето се аполитични. Но јас ќе предложам алтернативно гледиште на овие податоци: Институциите на либералната претставничка демократија не функционираат (или пак функционираат совршено, но со друга цел).
За политичките партии утврдивме дека се кримино-капиталистички организации кои во Македонија ги имаат картелизирано сите можни државни институции. Согласно на тоа политичките партии во Македонија се однесуваат кон своите членови (конкретно младите) како нивни подчинети и вршители на валканите работи (да цитирам една актуелна пратеничка: „Младината е само за монтирање видеа и за герилки“) и не претставуваат место за политичко активирање, делување и размислување туку место за сигурно државно вработување.
Ваквата состојба со политичките партии води кон се поголема изборна апстиненција (и зошто политичките партии се толку против граѓански листи, но тоа е друга тема). Од многу проста причина која секој од нас ја има слушнато барем еднаш во животот: „Нема за кој да гласам“. И така е, тоа е апсолутно точно. Но негласањето исто така претставува политички чин. А младите не гласаат во масовни бројки, тоа не е аполитичност, тоа е (погрешно насочен но сепак) револт кон политичкиот систем.
Разните граѓански форми на здружувања, кои иако претставуваат права за кои се воделе револуции и за кои умирале милиони луѓе се претворени од дел од јавната сфера кој е наменет за политички активизам и ширење на авангардни идеи во кариерен избор кој се содржи во голема мера од аплицирање на проекти кај разни меѓународни институции (кои ако ти даваат финансиски средства принуден си да им „играш по свирката“ ако сакаш да опстоиш), организирање на настани и после нив секако, уште папирологија. Настани на кои учествуваат луѓе кои вообичаено се од една иста клика на млади луѓе, претставници на еден средно – висок слој со современо либерални политички гледишта кои одвај чекаат да заврши настанот за да го искористат слободното време.
Синдикатите пак претставуваат една многу важна но исто така (во Македонија) многу партизирана (во форма на т.н Жолти синдикати) и, благодарение на капитализмот и неговите идеолошки гласноговорници кои доведоа до долгото и системско убивање на работничката (класната) свест – многу стигматизирана општествена институција.
Од напишаното можеме да заклучиме дека не е проблемот во „аполитичноста“ на младите и граѓаните воопшто, невозможно е човек да е аполитичен. Проблемот се наоѓа во непостоењето на соодветна општествени институции за канализирање на политичката волја. Ситуација која во комбинација со капиталистичката идеологија на „индивидуалност“ и на чувството на беспомошност благодарение на индоктринираната „индивидуалност“ има катастрофални последици во форма на враќањето на фашизмот на голема врата во светски рамки.
Важно е да не се откажеме во борбата за подобро утре, да пронаоѓаме начини и да формираме нови институции преку кои можеме да ги канализираме нашите политички гледишта и да запаметиме дека секој систем создаден од страна на луѓе може и да биде менуван од страна на луѓе.
Автор на текстот: Критијан Димков