
Јоска Јорданоски – Сандански е роден во село Лениште во 1921 година, а уште како дете со семејството се преселил во Прилеп. Таму го завршил основното образование и се вработил како продавач во дуќанот на Ченто, каде првпат дошол во допир со комунистичките идеи. Покрај работата, бил активен и во спортот, играјќи фудбал во локални клубови. Во 1940 година станал член на Месниот комитет на СКОЈ и истата година бил уапсен и кратко затворен, а потоа и испратен во логор под изговор за воена вежба.
Како еден од првите партизани од Прилеп, Јоска бил меѓу основачите на првата партизанска чета на 12 септември 1941 година во Селечка, заедно со уште шест борци. Четата била почеток на организираниот отпор против окупаторот во регионот. Во октомври истата година учествувал во формирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, а неколку месеци подоцна, и во основањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“.
За време на борба кај битолското село Орехово на 3 мај 1942 година, одредот бил опколен од бугарска војска. Во нерамната борба Јоска Јорданоски бил смртно ранет во главата и загинал заедно со соборката Елпида Караманди, со која бил и закопан. По војната, нивните семејства се збратимиле во чест на нивната заедничка борба и жртва.