
Нацистичкото доаѓање на власт во Германија во 1933 година ја зајакнало поддршката за фашизмот низ Европа како одговор на комунистичката закана. Ова довело до зголемено ограничување на граѓанските слободи и ширење на антисемитизмот. Со почетокот на Втората светска војна во 1939 година и окупацијата на Југославија во 1941 година, судбината на Евреите зависела од политиките на окупаторите и нивните сојузници.
По окупацијата на Македонија во 1941 година, Бугарија ја презела контролата и веднаш започнала со спроведување на антисемитски мерки. Евреите биле исклучени од јавниот живот, им било одземено државјанството и биле подложени на дискриминаторски закони. Ним им било забрането да работат во различни професии, нивните домови и имоти биле конфискувани, а биле принудени да живеат во гета под строга контрола.
Со воведувањето на Комесаријатот за еврејски прашања во 1942 година, ситуацијата за македонските Евреи дополнително се влошила. Под водство на Александар Белев и германскиот SS офицер Теодор Данекер, бил постигнат договор за нивна депортација во логорите на смртта.
На 11 март 1943 година Евреите од Битола и од Штип биле собрани од нивните домови и затворени во Монополот – фабриката за тутун во Скопје, по што следела депортација во логорот на смртта во Треблинка. По неколку дена тортура од страна на Бугарските војници во три транспортни конвои, околу 7.144 македонски Евреи биле натоварени во вагони и пратени во логорот на смртта во Треблинка. По шест дена патување во нехумани услови, сите биле веднаш убиени во гасните комори. Овој чин претставува еден од најголемите злосторства врз Евреите во регионот за време на Холокаустот.