
Димо Хаџи Димов е македонски социјалист, публицист и национален деец се родил на 19 февруари 1875година во селото Горно Броди – Серско, во активно боречко семејство Хаџи Димови.
Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење.
На забелешките во социјалистичките кругови дека движењето е буржоаско по својот карактер, Хаџи Димов возвраќа дека социјалистите треба да учествуваат во него за да го отстранат негативното влијание на буржоазијата и да го постават на здрави основи.
Димо Хаџи Димов беше приврзаник на самоослободување на Македонија преку револуција со заедничка национално- социјална и интернационална борба на македонскиот народ, беше противникна подарената слобода и туѓи мешања, ја поврза македонската ослободителна борба со борбата на работничката класа и поробените народи, ги осуди балканските војни и поделбата на Македонија.
Димо Хаџи Димов е идеолог на македонската револуционерна левица, левото крило на ВМРО – социјалист, левичар, марксист. Од крајот на 1919 година Хаџи Димов се вклучува во активностите на Бугарската комунистичка партија околу емигрантите во Бугарија. Станува секретар на тогаш формираната Централна емигрантска комисија и уредник на „Ослободување“.
Во 1921 година партијата решава да го создаде Емигрантскиот комунистички сојуз, во кој Хаџи Димов продолжува да игра важна улога. Како партиец, тој го популаризира делото на Советскиот Сојуз и ја поздравува победата на Октомвриската револуција, ја разобличува бугарската реакција и ги шири социјалистичките идеи.
„Советска Русија допрва има да игра улога на Балканот и Европа, од која улога победените и поробените народи можат да очекуваат само заштита, само помош, само ослободување.“