Спиро Гулапчев е роден во 1856 година во Лерин, во семејство на активни борци за црковна и национална автономија. Рано се образувал во егзархиски училишта, а потоа студирал во Русија, каде што се запознал со идеите на нихилизмот, народништвото и анархизмот. По враќањето во Бугарија, бил уапсен заради пренос на забранета литература, но продолжил со својата дејност како просветител и активист, предавајќи во гимназии и ширејќи револуционерни идеи.
Гулапчев создава сопствена левичарска идеологија позната како сиромахомилство, преку која во последната деценија на XIX век формира тајни групи и пријателски дружини за ширење на социјалистички и анархистички идеи. Организирал печатници, кружоци и тајни собири, каде се читала литература од автори како Писарев, Прудон и Бакунин. Станува значаен идеолошки противник на марксизмот и на новоформираната социјалдемократска партија во Бугарија.
Како публицист и печатар, Гулапчев игра клучна улога во ширењето на социјалистичка литература на Балканот, објавувајќи дела на Маркс, Енгелс и други автори. Неговите идеи влијаеле врз македонското револуционерно движење, вклучително и врз Гоце Делчев. Во своите дела, Гулапчев ги истакнува македонските културни и јазични особености и се спротивставува на нивното игнорирање од страна на бугарската интелигенција.

Особено значајно е неговото дело „Еден поглед за етнографијата на Македонија“, каде што ја застапува тезата дека Македонија треба да биде самостојна политичка единица и дел од идната балканска федерација. Заедно со:
2.Епире-Албанија
3. Европска Турција,
4. Црна Гора,
5. Романија,
6. Србија,
7. Бугарија,
8. Грција.
Гулапчев остро се спротивставува на поделбата на Македонија меѓу соседните држави и предлага неутрална федерација како решение на источното и македонското прашање. Иако неговите ставови биле критикувани, тие претставуваат едни од првите модерни концепти за македонска државност.