
Никола Димитровски – Грчето потекнувал од работничко семејство и уште од младост се вработил како столар во Скопје, каде го засакал резбарскиот занает. Како член на синдикатите на УРС, активно учествувал во акции и демонстрации, особено на 27 март 1941 година. Со почетокот на окупацијата на Македонија, се приклучил на оружената борба, учествувајќи во диверзии и снабдување на Првиот скопски партизански одред со оружје и експлозив.
По апсењето од страна на полициските агенти, бил осуден на 15 години затвор, но на 28 јуни 1944 година успеал да избега од Идризово заедно со тројца другари. Веднаш по бегството се приклучил на Третата македонска ударна бригада и станал заменик на политичкиот комесар на Првиот младински ударен баталјон. Активно учествувал во ослободувањето на политички затвореници, како и во битките кај Глумово, Крушопек, Велес и Скопје, по што продолжил во борбите против балистичките банди.
Неговата партизанска борба го однела на Сремскиот фронт, каде учествувал во пробивот на фронтот. За време на жестоките битки кај Врпоље бил ранет, по што поради инфекција, починал на 28 април 1945 година во близина на Винковци. Во негова чест, Архивот на Македонија во 1997 година издаде монографија за неговиот живот и дело, напишана од Стојан Илиќ-Каталенац.