
Во Собранието на Република Македонија е поднесен предлог-закон во скратена постапка, застапен од претседателот Африм Гаши и пратеникот Беким Ќоку и поддржан од пратеници од сите пратенички групи, меѓу кои Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, со кој територијата околу законодавниот дом се предлага да се прогласи за безбедносна зона. Целта според предлагачите е зголемување на безбедноста на институцијата, но текстот истовремено предвидува поништување на сите дозволи за градба издадени пред стапувањето на законот во сила и раскинување на договорите за користење државно земјиште. Најконтроверзни се ограничувањата предвидени во членот 8, кои забрануваат градежни активности, поставување инсталациона и линиска инфраструктура, одржување јавни собири, протести и манифестации, како и летање со дронови над просторот. Во однос на овој предлог-закон со остра реакција излегоа од Зелен Хуман Град, нарекувајќи ја претставничката демократија „мртва“
Соопштението на Зелен Хуман Град го пренесуваме во целост:
Како што владата на вмро во едно минато мрачно време се огради со метална ограда со шилци од тие што наводно ги претставуваше, така сега сите пратенички групи во Собранието го прават истото со наводната „безбедносна зона“ околу она што би требало да биде дом на демократијата, дом кој би требало да е симбол на владеењето на народот.
Да биде иронијата поголема, најголем дел од пратеничките групи — архитекти на „безбедносната зона“ околу Собранието — беа во првите редови на протестите против оградата околу влада што ја крена вмро, а сега сите заедно со вмро креваат нови, овојпат невидливи — но еднакво исклучувачки — огради околу Собранието за да се заштитат од тие што наводно ги претставуваат.
Како и противуставните измени на Изборниот законик, така и сега, законот со кој ќе се крене „безбедносна зона“ околу Собранието се носи во скратена постапка далеку од очите на јавноста, со амин од сите партии „народни претставници“ во Собранието.
Со подигање „безбедносна зона“ околу Собранието што во превод е забрана за јавни народни собири не само што го кршат Уставот, туку пратениците ни праќаат една единствена јасна порака — претставничката демократија е мртва
Оттука, единствено ни преостанува директно вклучување на народот во процесите на носење одлуки. Да живее директната демократија!
Доаѓа ера на независните! Доаѓа ера на слободоумни граѓани кои на минатите локални избори покажаа дека се способни да се самоорганизираат и да се самопретставуваат во институциите каде што се носат одлуките
P.S. За сите „најнародни пратеници“ што се обидуваат да спинуваат дека не се работи за забрана за протести околу Собранието, туку наводната цел била спречување изградба на објект во тревникот, што бара тогаш забрана за протести да е вклучена во предлог-законот? И како таа забрана за протести во тревникот ќе помогне да се реализира целта спречување изградба на објект
Воедно, го цитираме членот 21 од Уставот во кој јасно е уредено кои се единствените ситуации кога може да се ограничи или попречи јавен собир, макар тоа било и на 2 метри квадратни тревник до Собранието, а во случајов не се работи за 2м2 се работи за над 1 хектар површина!
И едно од побитните прашања:
Околу кој друг невоен објект на претставничката демократија постои „безбедносна зона“ и дали оваа „безбедносна зона“ околу Собранието ќе се користи како аргумент за идни „безбедносни зони“ околу останати невоени објекти кои на хартија му припаѓаат на народот, а во реалноста се приватна сопственост на политичките елити од Собранието
Од политичките партии уверуваат дека со овој предлог закон нема да се забрануваат протести пред Собранието на Македонија.