
Група италијански ултрадесничари од Европскиот парламент се побунија поради натписот „Тито“ на словенечката планина Саботин, кај Нова Горица.
Бидејќи е видлив од Италија и, според нив, претставува „провокација“, тие побараа од Европската комисија да реагира и да побара од властите во таа држава да го отстранат натписот.
„Децении наназад, на планината Саботин во Словенија, е испишан натписот ‘ТИТО’ со огромни букви кои јасно се гледаат дури и од Италија. Освен што претставува провокација кон Италија, овој натпис е и омаж на Јосип Броз Тито, комунистички диктатор одговорен за брутални злосторства против човештвото, вклучително и масакрите во ‘фојбите’ и прогон на илјадници Италијанци по Втората светска војна“, наведува групата пратеници од Европските конзервативци и реформатори, предводена од италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Инаку, ставот на Европската комисија е дека нема да се меша и дека тоа е прашање на земјата или државата каде што се наоѓа натписот.
На планината Саботин над Нова Горица во Словенија, уште од 1978 година стои огромен натпис „Наш Тито“, испишан со камења во чест на Јосип Броз Тито.