
Трагедијата од 16 март 2025 во Кочани е без преседан една од најголемите во поновата македонска историја. Овој народ има видено многу црни денови, но историјата не памети во годините после втората светска војна вакви трагедии на нашите простори.
Водењето држава е многу сериозна работа, тоа не е играчка. Ние си играме игри повеќе од 30 години: и народот и елитата. Елитата е таа која ги експлоатира вековно натрупаните трауми, народот е тој кој поради тие трауми ѝ се восхитува на елитата која успеала во животот на еден нечесен и валкан начин. Уште полошо, елитата произлегува од народот.

Човештвото и државите успеваат преку масовна соработка, а една птица не прави пролет. Токму затоа и не сакам да делам многу памет. Дел од мене отиде во тој оган на 16 март. Како дете родено во 2000 година, сакам да се обратам единствено до моите генерации, она што во популарната култура е познато како Gen Z.
Ние сме мостот на македонските генерации. Стоиме помеѓу оние од 19 и 20 и оние од 21 век. Помеѓу два менталитета: оној на ,,наведната глава” и оној ,,новиот” кој од нас зависи дали ќе се роди.
Овој народ има голтнато премногу неправди, револти, војни и трауми. Од 1991 година (грубо речено) наваму, ние добивме можност каква нашите предци немале, тоа е можноста да расчистиме со она темното во нашата потсвест, она добро познатото ,,ќути и трпи”. Добивме нешта кои претходните генерации не ги ни замислувале: свои погледи на светот и животот, без некоја соседна сила да ни се вмеша одвнатре, независни и слободни онолку колку една држава може да биде во 21 век. И во најголем дел од нас зависи како ќе ја водиме државата. Имаме институции, образование, слобода од странски окупатори и аскери, односно имаме кадар и можности какви Македонија немала никогаш претходно.
Македонскиот народ е познат по состојбата на перманентно востание. Впрочем, секоја генерација има потреба од свое, автентично востание. Нашето е ослободување од стегите во нашата свест и потсвест дека ништо не може да се промени. Тие стеги се сериозно вкоренети, ги добиваме од постарите генерации, кои ги наследиле од уште постарите и така до недоглед. Ги добивме преку воспитание, образование, култура, менталитет, јазик, критики, начини на мислење итн. Ги добивме затоа што тие кои ни ги пренеле претрпиле премногу тешки времиња. И никој од нас не е имун на колективните трагедии од нашата историја.
Сумирано: нашето тешко минато не е завршено, ние сме се ослободиле во одредени периоди од сите окупатори, но нивните злодела оставаат траги во нашето воспитание, што се пренесува од генерација на генерација.
Многу е лошо кога на еден народ ќе му се родат генерации во ропство. Тогаш тој ќе заборави што е слободата. И како пример за слобода сме ги имале единствено нашите окупатори, луѓе кои со сила и војна ги запоседнале овие простори. А, за нив слободата била да се исживуваат врз нас, особено во последните 200-300 години. Во таков случај се раѓаат луѓе кои се лесно податливи со цел да преживеат и тие така го воспитуваат нивното потомство.
И кога дојде редот да правиме независна држава, прво што направивме беше криминал во периодот на транзицијата. Потоа дојдовме до негативна селекција на кадри, партиски феудализам, добропознатиот рушвет (мито и корупција) итн. Дојдовме до сѐ она на кое беа одметнатите турски аги и бегови во 19 век. Односно до слободата каква тие ја замислувале, а ние само од страна сме ја гледале.
Денес за прв пат во долгата македонска историја, дојде генерација што има барем минимални шанси да се ослободи од психичките стеги, што е и нормално после физичкото ослободување од сите окупации низ 20 век
Таа генерација сме ние кои пораснавме во ера на многу информации и образование достапно за секој, независно што повеќето од нас не сакаат да читаат и мислат со своја глава. Информацијата и знаењето се оружје. Не залудно сите автократски режими ги затвараат и убиваат интелектуалците.
Целиот наш народ постојано низ историјата е ставан на испити, на тестови, дали да се биде или не. И како некоја иронија, секогаш младите и најмладите се тие кои треба да одговараат.
Денес дојдовме, по природен пат и нормално за народ и држава како нашата, до точка на check point. Нашата генерација е исправена пред прашањето: дали перманентното востание на нашите стари ќе биде продолжено од нас? Одговорот и видот на тоа востание треба да го даде секоја индивидуа.
Aвторот е дипломиран наставник по историја, не е член на ниту една политичка партија, текстот нема за цел да предизвика немири