
Соопштението на здружените граѓански иницијативи го пренесуваме во целост:
Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави „носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“.
Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција. Тоа е како да им ги затвораш вратите, па да им објаснуваш дека така полесно ќе влезат. Независните кандидати се директен глас на граѓаните – секое административно отежнување на нашата кандидатура е удирање по основното право на избор и претставеност. Зголемувањето на прагот не е услуга, туку бариера. И секој што тврди спротивно е уплашен од вистински плурализам.
Го упатуваме Мицкоски да ја прочита Одлуката на Уставниот суд У.бр.186/2024 (Сл. весник бр. 116/2025) со која Судот ги укина претходните противуставни измени на Изборниот законик за да види што навистина се најдобри решенија за потребите на граѓаните.
Измените кои Мицкоски и останатите партии во Собранието се обидуваат да ги протуркаат се уште поекстремна верзија на противуставните измени укинати од Уставниот суд.
Како граѓански иницијативи кои учествуваа на минатите локални избори и освоија места во советите низ општините во Македонија остро се спротивставуваме на секаков обид за извртување на фактите. Ја нагласуваме невистинитоста на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во врска со прагот за собирање потписи за наше кандидирање на локалните избори.
Мицкоски свесно или од недоволна информираност ги меша прагот на освоени гласови на парламентарни избори за влез во германскиот парламент со прагот на потребни потписи кои во Германија се бараат за да може граѓани воопшто да се кандидираат на избори.
Премиерот денеска вели дека во Германија за да се влезе во парламентот се потребни 5% , но не кажува дека тоа се однесува на процентот од освоени гласови на избори. Премиерот не кажува и дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат САМО 200 ПОТПИСИ.
Што значи дека со само 200 собрани потписи граѓански иницијативи може да се кандидираат на парламентарни избори во Германија и ако притоа освојат најмалку 5% од гласовите, тие ќе добијат место во Бундестагот.
Притоа, да потсетиме на изјавата на Мицкоски кога не беше премиер, туку, предводник на опозицијата дадена на 1 август 2021 година кога изјави дека „за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив и праг од 1% и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за кандидатура на претстојните локалните избори“.
Од што денеска се плаши Мицкоски како премиер?
За јавноста и медиумите да имаат подобар преглед на искуствата од европските држави околу бројот на потписи потребни за кандидирање на избори на независни граѓански иницијативи во прилог ги доставуваме искуствата од повеќе држави:
Примери на европски земји со број на потребни потписи за листа на независни кандидати за пратеници:
Франција нема потписи
Естонија нема потписи, депозит во висина на минимална плата
Малта 4 со €90 депозит, кој се враќа ако освои 10% од изборната квота
Обединетото Кралство 10 потписи
Грција 12 потписи по изборна единица
Ирска 30 потписи или €500 депозит
Холандија од 10-30 по изборна единица, до максимални 580 на ниво на држава
Финска 100
Данска 150-200
Германија 200
Швајцарија за кантони, зависно од големината 100-200-400 потписи
Исланд 30-40 потписи за пратеничко место во избирачка единица. Вкупниот број на потписи по ИЕ се движи од 240-520, зависно од бројот на пратенички места по ИЕ.
Австрија потписи од 3 пратеници или 100-200-400-500 потписи зависно од федералната држава/Виена. За кандидирање на ниво на цела држава 2.600 потписи.
Белгија потписи од 3 пратеници или 200 (ИЕ под 500.000), 400 (ИЕ од 500.000-1.000.000), 500 потписи (ИЕ над 1 милион)
Хрватска 500
Унгарија 500
Норвешка 500
Примери на европски земји со број на потребни потписи за листа на независни кандидати за советници и градоначалник:
Франција нема потписи
Естонија нема потписи
Грција нема потписи
Швајцарија нема потписи
Малта 4 потписи со €90 депозит
Финска 10 потписи
Ирска 15 потписи или €100 депозит
Обединетото Кралство 2-10 потписи, и 330 потписи за градоначалник на Лондон – по 10 потписи од секоја четврт и 10 од градот Лондон
Холандија за совет со помалку од 19 члена-10 потписи, помеѓу 19-39 – 20, за сите други – 30
Шведска мора да се регистрира како партија, дури и ако се работи за едно лице кандидат, 50 потписи потребни за регистрација
Данска 25, 50 и 150 за Копенхаген
Исланд 101-500 жители – 10 потписи, 501-2.000 – 20, 2.001-10.000 – 40, 10.001-50.000 – 80, над 50.000 – 160 потписи
Босна под 1.000 – 5% од избирачите, до 10.000 – 100 потписи, над 10.000 – 200
Германија до 2.000 – 20 потписи, до 5.000 – 40, до 10.000 – 60, до 20.000 – 80, до 50.000 – 100, до 100.000 – 160, до 300.000 – 200, повеќе од 300.000 – 240
Австрија до 300 жители – 5 потписи, 301-750 – 8, 751-1.300 – 11, 1.301-3.000 – 18, 3.001-5.000 – 25, 5.001-10.000 – 40, повеќе од 10.000 – 50.
Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај. Колку повисоки прагови поставувате, толку повисоко ќе прескокнеме
Граѓански иницијативи:
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД Град Скопје
Шанса за Центар
Независни За Карпош – За Заштита На Карпош
Поинаку во Општина Битола
СТИГА Е – Струмица
СТИГА Е – Босилово
СТИГА Е – Ново Село
Поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово
Граѓанска иницијатива Зелените Од Гази Баба