Отвореното писмо до Владата на Република Македонија го пренесуваме во целост
Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи упатува остра реакција по сознанието за Одлука на Владата да даде согласност за формирање на основно училиште во Општина Студеничани со името на профашистичкиот колаборационист, балистот Азем Морани.
Бараме од Владата веднаш да ја преиспита ваквата Одлука и да не дозволи распламтување на историскиот ревизионизам и подривање на асномските темели на Македонија, како антифашистичка држава. Во време на постојани обиди за релативизација на историските вистини од надвор, недозволиво е никој во институциите да не бил свесен дека носејќи ја оваа одлука дозволуваме истото да ни се случува и од внатре.
Азем Морани е осуден во 1947 година за своите профашистички, балистички и колаборационистички активности во времето на Втората светска војна и по нејзиното завршување, а насочени против македонската држава и слободите и правата на сите граѓани без разлика на нивното социјално или етничко потекло. Училиштата се место за примарен воспитно-образовен процес и како такви треба да всадат во децата вистински вредности, антифашизам, космополитизам и човечност.