
Најмалку 73 Палестинци, меѓу кои 25 жени и 20 деца, загинаа во израелски воздушни напади низ Појасот Газа, додека над 230 лица се повредени. Според Цивилната одбрана во Газа, нападите најтешко го погодиле градот Газа, каде загинаа 61 лице. Резидентите опишуваат интензивни напади, вклучувајќи и тактики наречени „огнени појаси“, што доведе до масовно уништување на домови и цивилни жртви.
Меѓу жртвите се жители на населбите Шеик Радван, Римал и Ал-Дарај, како и едно девојче убиено од беспилотно летало во Шејаја. Во централниот и јужниот дел на Газа, дополнителни цивили беа убиени во напади врз бегалски кампови и домови. Очевидци и медицински извори известуваат за постојани напади и гранатирања, кои продолжуваат да ја продлабочуваат хуманитарната катастрофа во регионот.
Овие настани доаѓаат по објавата на Катар за договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој треба да стапи на сила в недела. Договорот предвидува 42-дневна размена на затвореници. Геноцидот, кој трае повеќе од 15 месеци, остави десетици илјади жртви и го сврте вниманието на меѓународната заедница, додека Израел се соочува со обвиненија пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид додека минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант.