
Постојат повеќе „прашања“ на младите. Две ми се чинат особено важни:
1. „Постарата“ генерација секогаш го врши воспитувањето на „младите“; има спорови, неслога итн. Но се работи за површни појави што се однесуваат до секое воспитно и обуздувачко дело, освен ако не се работи за класни интерференции, што значи дека младите (или еден важен дел од нив) од владејачката класа (земена во најширока смисла, не само економска, туку и политичко-морална) се бунтуваат и пренаоѓаат во напредната класа што станала историски способна да ја преземе власта: но во овој случај се работи за „млади“, кои од водство на „постарите“ од една класа преоѓаат во водство на „постарите“ од друга класа; во секој случај, останува реалната потчинетост на „младите“ спрема „постарите“ како генерација, сепак, со гореспоменатите разлики во темпераментот и во живоста.
2. Кога појавата ќе земе еден т.н „национален“ карактер, што значи дека класната интерференција не е сосем јасна, тогаш прашањето се комплицира и станува хаотично. „Младите“ се во постојано бунтување, бидејќи продолжуваат да постојат нејзините длабоки причини за тоа, без можност за анализа, критика и надминување на таквата состојба (не концептуално и апстрактно, туку историски и реално); „постарите“ „де факто“ владеат, но… apres moi le deluge (по мене потоп), не успеваат да ги воспитаат младите, да ги подготват за продолжување на нивното дело. Зошто? Тоа значи дека постојат сите услови „постарите“ на една друга класа да мораат да ги предводат младите, без да можат да го направат тоа од надворешни причини на воено-политички притисок.
Борбата, од која се задушени нормалните надворешни појави, се прилепува за структурата на старата класа како некоја разурнувачка гангрена, што растворува, исцрпува и гние; зазема облици на мистицизам, сензуализам, морална рамнодушност, патолошки психички и физички дегенерации, итн. Старата структура не содржи во себе и не може да ги задоволи новите барања: постојаната и полупостојана безработица на т.н интелектуалци е една од типичните појави на оваа недостатност, која добива суров карактер на најмладите, бидејќи не остава „отворени хоризонти“. Од друга страна оваа состојба води кон „затворени кадри“ со воено-феудален карактер, што значи дека самата ги заострува проблемите што не е во состојба да ги реши.
Извор: Антонио Грамши, Одбрани текстови 128-130 стр.
Транскрипција и техничка обработка: Кристијан Димков