
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила директна дискриминација врз работничка во конфекциска фабрика, која била отпуштена откако најавила боледување поради болест на своето дете. Според извештајот, директорката на конфекцијата ја повикала вработената и ѝ соопштила дека повеќе да не доаѓа на работа, веднаш по нејзината најава за боледување. Иако Синдикатот подоцна утврдил дека таа формално сè уште е вработена, на 17 јануари жената добила решение за престанок на работниот однос, без претходна најава или објаснување.
Подносителката на претставката навела дека боледувањето било уредно поднесено, но не ѝ било евидентирано, што резултирало со значително помала исплата на плата. Таа добила само 15.000 денари, а платниот лист не ја содржел информацијата за боледувањето. Жената била во тешка социјална состојба, а работела со месечни договори од септември 2024 година. Од страна на директорката, при увидот во фабриката, биле изнесени незадоволства за наводно слаб квалитет на работата и намален обем на нарачки од странски партнер, но без конкретни докази.
Комисијата утврдила дека ниту едно од изнесените тврдења не било поткрепено со документи или докази, а дополнително забележала дека вработената била и членка на синдикатот. Тоа, според Комисијата, укажува на потенцијална дискриминација врз основа на синдикална припадност, покрај дискриминацијата по основ на родителство и семеен статус. Оттаму, КСЗД ја оценила постапката на отпуштање како директна дискриминација од страна на директорката.