
Повод за оваа реакција на Здружението на социолози на РМ, не е само предложениот текст на новата Нацрт – концепција за реформа на гимназиското образование, изработена од Бирото за развој на образованието, без авторство, туку и реакција на слични активности и „реформи“ што се одвиваат подолг период, а со кои директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа. Здружението на социолози, заедно со Институтот за социологија, реагираше и на Концептот за реформи во основното образование, кој на извесен начин претходи на сегашната Нацрт-концепција, и во тој контекст укажа дека се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно „реформирање“ во многу кус временски период на нашето образование кое веќе повеќе заличува на „невладина организација“ отколку на сериозна институција.
По детална анализа на текстот од предлог-концепцијата, во оваа прилика ќе се осврнеме само на неколку аспекти. Иако социолозите наставници по предметот социологија се лично засегнати од предложените промени, се обидовме да бидеме објективни и нашиот пристап да не поаѓа од нашиот личен интерес туку од општиот и заеднички интерес, а тоа е квалитетно образование. Оттука доаѓа нашето изненадување за предлог-концепцијата бидејќи во ова што е понудено не гледаме квалитет. Една од целите на новата концепција е гимназијата да ги подготвува учениците за активно учество во општеството, да развиваат критичко мислење, да го градат националниот, етничкиот и културниот идентитет и сл., но сето ова без социологијата и другите општествени науки едноставно не е можно. Согласни сме со ставот дека промени се неминовни и дека треба да сме во чекор со промените и барањата на новите генерации па токму затоа ќе дадеме неколку аргументи и предлог решенија за подобра и поквалитетна концепција за поквалитетно образование:
1. Нерамноправен однос помеѓу природните и општествените и хуманистичките предмети, кој е повеќе од нерамноправен. Сите природни науки остануваат задолжителни во прва и втора година и изборни на продлабочено ниво во трета и четврта година со 4 часовен неделен фонд, додека од општествените предмети сите изборни се со два часа неделен фонд. Покрај тоа е избришана социологијата како задолжителен предмет а воведено е граѓанско образование (се менува наука за дисциплина). Граѓанско образование е предмет кој учениците веќе го изучуваат како редовен во седмо, осмо и деветто одделение и сметаме дека во прва година гимназиско образование учениците треба да ја изучуваат социологијата како најопшта општествена наука, како повисоко ниво, како наука која им ги отвора вратите на општествената стварност. Во четврта година да се врати филозофијата како задолжителен предмет со барем два часа неделен фонд.
2. Изборот на предмети кои ќе ги изучува ученикот го гледаме како современ концепт и позитивна промена, но како ученикот ќе избере предмет со кој нема никаков контакт, информација ниту предзнаење? И во овој поглед природните науки се во голема предност бидејќи предметите кои се задолжителни веќе имаат прилика да им се познати и кон нив да развиле интерес. Може да дојде и до намалување на критериумите кај наставниците поради поголем избор на нивните предмети на повисокото ниво што сериозно би го намалило квалитетот на образованието.
3. Се залагаме за поголема вклученост на наставниците социолози во стручните служби покрај педагогот, психологот и дефектологот.
4. Исто така цврсто стоиме на ставот и се залагаме за враќање на нормативот по предметот граѓанско образование (во основното, стручното и според предлог-концепцијата во гимназиското образование) на наставниците по социологија како најкомпетентни за предавање на овој предмет. Социолозите го вовеле и конституирале како предмет но сега се во ситуација да не го предаваат (го преземат наставници историчари и филозофи).
Ваквата Нацрт концепција за реформа на гимназиското образование подготвена од БРО укажува на нискиот капацитет на една од најзначајните образовни институции за следење и развивање на квалитетот на образованието. Без претходно да се реформира БРО и да се зајакнат неговите човечки капацитети реформите во основното, средното-стручно и гимназиското образование не можат да бидат успешни.
Искрено се надеваме дека сериозно ќе ги разгледате сите наши аргументи и ќе ги земете предвид сугестиите кои ги наведовме. И наш и ваш интерес е квалитетно образование и тоа е целта кон која заеднички се стремиме.