
Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во мај достигнаа 63.908 денари, што претставува зголемување од 1.217 денари во однос на април, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикати на Македонија. Синдикалната минимална кошничка бележи континуиран раст, а најголемо влијание врз зголемувањето имаат основните животни потреби, особено храната и пијалаците. За семејствата кои живеат во изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци се значително повисоки и изнесуваат 79.283 денари.
Трошоците за храна и пијалаци во мај изнесуваат 22.434 денари, што е за 954 денари повеќе во споредба со претходниот месец. Овој пораст дополнително го оптоварува семејниот буџет, особено за оние со пониски приходи. Синдикатот алармира дека континуираното зголемување на животните трошоци сериозно ја отежнува егзистенцијата на граѓаните и ја нагласува потребата од соодветни мерки за поддршка од страна на државата.