Соопштението на иницијативата „Сите за Палестина“ ја пренесуваме во целост
На 23. февруари (понеделник) во 19 часот на Академската сцена на ФДУ ќе се одржи сценско читање на „Монолозите од Газа“, во изведба на активисти од Иницијативата „Сите за Палестина“ и актери од независната театарска група „Штрих“.
„Монолози од Газа“ е збир на сведоштва од срцето на страдањето, грижливо собрани од палестинскиот театар „Аштар“, кој дарежливо го споделува материјалот со нас за да го слушнеме гласот на настраданите и угнетените и на македонски јазик.
Ве покануваме да дојдете, да ги слушнете нивните приказни, да научиме и заедно да покажеме дека солидарноста нема граници.
Настанот е од добротворен карактер: влезот е слободен, а во кутија за донации ќе може да оставите ваш придонес за хуманитарни цели.
„Местото не е само географска површина, туку и размислување. Дрвата не се само дрва, туку и ребрата на нашето детство,“ пишува Махмуд Дарвиш. Стиховите и зборовите на луѓето што страдаат треба да нѐ поттикнуваат да покажеме солидарност и емпатија. Да се вклучиме во нивната борба.