
Соопштението на Социјалистичка Зора ви го пренесуваме во целост:
Се уште недостигаат зборови што можат да го опишат шокот, тагата и гневот кој го предизвика вчерашната трагадија во Кочани, каде во пожар загинаа 59 луѓе, главно млади момчиња и девојки.
Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на загинатите. Нивната загуба е ненадоместлива. Нивните животи се уништени. Уништени од трката за профит, од желбата за брза заработка, од привилегиите без одговорност, без свест за можните последици…
Секое класно општество ги заташкува своите злосторства. Дурмо Турс, Беса Транс, Модуларната болница Тетово завршија како „чуда за три дена“. Капиталистичката демократија почива врз секојдневна пропаганда која постојано пронаоѓа нови и нови теми на општествен судир кои го замајуваат умот на работниците. Но вчера повторно пожар, повторно изигрување на стандардите и прописите, повторно очигледен криминал. Еднаш беше таканаречен меѓународен превоз, потоа беше таканаречена болница, на крај е таканаречена дискотека. Сите несреќи имаат заеднички именител – тоа е профитот.
Речиси во секој град напуштени објекти се преобразиле во ноќни клубови, кабареа и дискотеки кои одеднаш стануваат регионални центри за стотици млади, додека непречено се удираат печати и се ставаат потписи на одобренија за пренамена на објекти без соодветни елаборати, се вршат фиктивни обуки за безбедност и заштита, се издаваат лажни лиценци, се вршат надзори без теренски увид. Во трката за профит и брза заработка, правилата служат за изигрување, а надлежноста за поткусурување.
Додека власта и опозицијата ќе ја префрлаат предизборно топката кој е виновен за трагедијата, и додека обвинителството и судската власт во следните денови ќе се обидуваат да ја повратат довербата која никогаш не ја уживале, време е да се впери прстот директно кон локалната бизнис елита и локалните моќници кои некој ги поставил за шерифи.
Време е да го впериме прстот во нив како класа, не како поединци. Таканаречената дискотека работела непречено над 10 години. Во тој период централната и локалната власт неколку пати се менуваше, додека бирократијата старееше и се заменуваше. Но криминалните шеми опстанаа и останаа. Останаа бидејќи невозможно е капитализмот да функционира без истите – тие се негов производ.
Време е да го впериме прстот кон целокупниот капиталистички систем, без да се плашиме дека ќе бидеме обвинети за релативизирање на несреќата. Зошто не треба да изумиме дека ваквите несреќи се случуваат насекаде во светот, затоа што капитализмот владее насекаде. Од најразвиените земји до најзаостанатите. Зошто и таму како и тука, трката за профит и брза заработка е моторот што ја движи општествената машина онака како што е конструирана. Тоа е систем во кој едни одговараат пред законот за најситни грешки, додека други не одговараат ни за најголеми престапи.
Овој систем не може да се реформира. Капитализмот ги обесмислува и обезвреднува човечките животи насекаде во светот. Овој систем не може да се поправи. Тој и натаму ќе не третира како робови, слуги и ресурси.
Имајќи го предвид сето ова, време е за промени во нашето поимање на нормалното и очекуваното. Од досегашното одмавнување со рацете, кревање раменици, помирување со состојбите, вкалапување во системот кој корумпира, кон целосно политичко организирање на угнетените кое ќе ги донесе неопходните револуционерни промени!