
Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово, испрати отворено писмо до градоначалникот на Тетово, во кое изразуваат противење кон преименувањето на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото наследство на македонскиот народ и народностите. Во писмото, исто така, се упатува апел до членовите на Советот да се воздржат од именување улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани или датуми кои промовираат фашизам, тероризам, милитаризам или радикализам.
„Ова писмо претставува јавно изразување на најостра реакција, предупредување и длабока загриженост од страна на Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи од Тетово поради најавите од градоначалникот Билал Касами за промена на имињата на улиците и именување на досега неименувани улици во општината,“ се наведува во писмото.
Сојузот го потсетува градоначалникот дека, според Уставот, Законот и основните принципи на разумност, неговата должност е да биде градоначалник на сите граѓани во општината.
„Во вашиот политички речник не треба да постојат поделби на македонски, турски, ромски или албански партии, туку сите политички субјекти треба да работат за соработка во демократски дух и да придонесуваат за општествена кохезија меѓу различните етнички заедници. Вашите постапки не треба да создаваат впечаток дека сте градоначалник само на еден дел од населението,“ се истакнува во писмото.
Понатаму, Сојузот потсетува на Законот за именување улици, плоштади и инфраструктурни објекти, кој во член 4, став 2, јасно пропишува дека одлуките за именувањето мора да бидат донесени со мнозинство гласови, вклучително и гласови од заедниците кои не се мнозинско население во општината.
Дополнително, Сојузот предупредува дека промената на имиња на улици, плоштади и други објекти е забранета шест месеци пред редовни избори, а имињата не смеат да нарушуваат угледот на Република Македонија, да навредуваат граѓани или да ги загрозуваат меѓуетничките односи, обичаите и јавниот морал.
Отвореното писмо е испратено до Владата, ресорните министерства и амбасадите на Европската унија и САД.