
Првиот скопски партизански одред е формиран на 22 август 1941 година во близина на Скопје, како дел од организираниот отпор против фашистичката окупација. Одредот бил составен од млади борци, главно членови на Комунистичката партија и СКОЈ, решени да се спротивстават на бугарската и германската окупација. На 18 октомври, во месноста Бела Вода, од десната страна на реката Лепенец, борците на одредот положиле заклетва, близу кое подигната е спомен чешма за одбележување на овој важен момент во НОБ.
Иако одредот бил краткотраен поради силните репресии, неговата храброст и пожртвуваност инспирирале формирање на нови партизански единици и биле темел за организираната Народноослободителна борба во Македонија.
Партизанската заклетва

Чинот на давањето заклетва опишан е во биографијата на „Периша Савелиќ – Самсон“, од Крсто Здравковски.
„Беше тоа на 18 октомври 1941 година. (во Скопскиот Партизански Одред, дојдоа група на нови борци). На борците им беше речено да се средат,да се исчистат и да бидат готови за големиот светол чин-давањето на партизанската заклетва. Тишината ја нарушуваше само жуборот на надојдениот Лепенец. Пред стројот излезе политичкиот комесар на Одредот Дане Крапчев – Стари. Зборуваше продорно со својот познат глас.
„Другари денеска е голем празник за нас – борците на овој Одред. Како вистинска војска ќе дадеме заклетва дека доследно ќе се бориме за делото за кое сме се определиле – слобода на нашиот народ-до целосно уништување и истерување на фашистичкиот окупатор. Таа заклетва се обврзува со својот живот.
Се сеќавате,нашите татковци и дедовци се колнеле пред прекрстените пиштоли и ками врз Евангелието со зборовите „Слобода или смрт“. Нашата заклетва ќе биде поинаква:„Смрт на непријателот,слобода на народот“! Ние треба да се заколнеме дека на овој измачен народ ќе му ја избориме слободата!“- рекол Дане и го повикал Периша Савелиќ да ја прочита заклетвата.

Периша со посебна свеченост со својот убав глас ја читал полека заклетвата,а по него ја повторувале построените борци,врежувајќи ја длабоко во својата свест и срце.“
Денеска, како што можеме да видиме на фотографиите објавени од страна на истакнатиот поддржувач на борците од НОБ, Владо Трајковски на Фејзбук, спомен чешмата е во руинирана состојба, без никаква грижа за неа од страна на надлежните институции.