
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на прес конференција побара од Владата и Собранието итно формирање на Комисија што ќе ја потврди легитимноста на Синдикатот, со цел да се донесе одлука за новата минимална плата. Времето истекува, а договор сè уште нема, па ССМ предлага минималната плата веднаш да се зголеми за 6.000 денари. За да се олесни овој процес, предлагаат државата да ги покрие придонесите за разликата во следните 12 месеци, што, според нив, ќе резултира со зголемена потрошувачка и поголеми приходи во буџетот.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупреди дека доколку Владата не го прифати нивниот предлог за минимална плата од 500 евра, синдикатите ќе организираат протести. Тој нагласи дека до 15 март мора да се постигне договор за минималната плата за да има доволно време за пресметки и нејзина исплата најдоцна до 15 април. Според него, буџетот нема да трпи загуби, бидејќи зголемената потрошувачка ќе генерира дополнителни приходи преку даноците.
Минималната плата формално ја предлага Министерството за економија со согласност од Социо-економскиот совет, но од таму соопштија дека ќе им остават на синдикатите и работодавачите да постигнат договор. Министерството најави дека седницата на која ќе се дискутира за ова прашање е закажана за втората половина од март, а конечната одлука ќе зависи од фискалните можности на државата.