
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информираше дека вредноста на синдикалната минимална кошница за април 2025 година достигнала 62.691 денар, што е зголемување од 836 денари во споредба со претходниот месец. Најголем дел од буџетот, 34,3%, се трошат за храна и пијалоци, односно 21.480 денари. Значителни трошоци има и за облека и обувки (5.634 денари), домување и енергија (6.096 денари), како и за лична хигиена (2.455 денари).
Во структурата на трошоците се вклучени и издатоци за здравје (1.136 денари), транспорт (4.615 денари), комуникации (3.417 денари), рекреација и култура (5.592 денари), образование (7.036 денари), ресторани и хотели (4.131 денари), како и останати стоки и услуги (1.100 денари). ССМ нагласува дека и покрај мерките на Владата за ограничување на трговските маржи, ефектот е ограничен – намалувањето на цените на основните прехранбени производи е само 6,78 проценти, што според нив не е доволно забележливо за граѓаните.
Поради ова, ССМ бара итно зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, како и зголемување од најмалку 100 евра на сите останати плати. Тие посочуваат дека со сегашното ниво на примања, дури ни 2,5 минимални плати не се доволни за покривање на основните месечни трошоци, што ја оправдува нивната реакција и укажува на потребата од посериозни и подолготрајни антикризни мерки.