Нема напредок во разговорите за зголемување на минималната плата, а Владата, според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), покажува недостиг од слух за барањата на работниците. Синдикатите не гледаат позитивни сигнали ниту од Владата ниту од работодавачите за поголемо зголемување од законското усогласување во март, поради што најавуваат протести од 15 јануари.
Од ССМ информираат дека во втората половина на јануари се планирани штрајкови во повеќе институции и блокади на улици, а не се исклучува ниту генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Барањата се минимална плата од 600 евра и зголемување од 100 евра за сите останати плати. Според синдикатите, аргументите на работодавачите дека зголемувањето на минималната плата создава притисок врз другите плати не се основани, бидејќи целта е раст на сите примања.
ССМ оценува дека Владата формално се повикува на постојниот закон, но оти е потребна политичка волја за негови измени со цел заштита на животниот стандард во услови на инфлација. Синдикатите сметаат дека казните за супермаркетите не ја решаваат инфлацијата и дека повисоките плати нема нужно да доведат до поголемо поскапување, туку до поквалитетен живот за работниците. Во исто време, укажуваат дека додека големите компании остваруваат милионски профити, работниците сè повеќе се задолжуваат и едвај ги покриваат основните трошоци.