Соопштението на Сојузот на синдикатите на Македонија го пренесуваме во целост:
Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагира на сите обиди на газдите и нивните комори и организации да ја потценуваат и навредуваат продуктивноста на македонските работници.
Според податоци на Народната банка, објавени преку Bloomberg Adria, евидентно е дека нето добивките по вработен во македонските компании во 2024 година бележат значителен раст во однос на 2023 година.
Овие податоци недвосмислено ја докажуваат високата продуктивност на работниците, и го разобличуваат лажниот наратив дека „работниците не биле продуктивни“ и за тоа платите немало можност да се зголемат.
• Во градежниот сектор нето-добивката по вработен изнесува 600.000 денари (безмалку 10.000 евра).
• Во трговијата, транспортот, складирањето и угостителството – 300.000 денари по вработен.
•Во индустријата – 200.000 денари по вработен.
•Во информациите и комуникациите – 400.000 денари по вработен.
•Во стручните и административни дејности – 300.000 денари по вработен.
•На ниво на цел корпоративен сектор – просек од 300.000 денари по вработен.
Овие бројки покажуваат дека секој работник не само што си ја заработува сопствената плата, туку дополнително:
• ја обезбедува и платата на директорите и менаџерите,
• го плаќа џипот и луксузниот живот на газдата,
• обезбедува пари за инвестиции,
• и пак му остварува добивка на газдата еднаква на околу една годишна работничка плата.
Додека газдите исплаќаат плати и бонуси во стотици илјади евра – како што неодамна објави Bloomberg Adria, со највисока плата од над 320.000 евра за еден газда и над 700.000 евра за тројцата највисоко платени, – македонските работници живеат со најниски и мизерни плати во регионот.
Затоа, секој кој тврди дека македонските работници не се продуктивни, директно ја навредува нивната интелигенција, труд и достоинство.
Вистината е едноставна: работниците се продуктивни, а платите се ниски!
ССМ по којзнае кој пат укажува дека:
Нема повеќе оправдувања за незголемување на минималната и останатите плати!
Нема повеќе манипулации со „непродуктивност“!
Време е за итно и значително зголемување на платите во сите дејности, затоа што добивките се резултат на трудот на работниците, а не на газдите!
Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи да се бори за достоинствена плата за секој работник!