
Претседателот на „Сојуз на Борците од НОАВМ 1941 – 1945 и граѓаните продолжувачи“ – Битола, Стефан Бошков на социјалните мрежи на здружението напиша:
Државниот грб е симбол на слободата на Македонија извојувана со крвта на илјадници млади кои животот го положија во Народноослободителната и антифашистичка војна, здружени со цел да се извојува национална слобода и социјална правда. И создадоа македонска држава. Грбот е симбол на првата слободна македонска држава, која во следните 45 години стана држава за почит, особено заради целокупното ниво на општествен развиток, ниво кое во изминатите 35 години, се до денес, не го достигнавме.
Грбот не е причина што Македонија стана недостоинствена, потценета дури и од сопственото население, држава. Држава на која и е уништена гордоста. Ниту е причина за ужасната корупција на секој чекор, ниту за партизацијата и етничките поделби, ниту пак за партиска нетрпеливост-душманлок, дури и кога се во прашање највисоките национални интереси. Не е причина ни за менување на знамето, особено на името, ниту за правото ( што им го дадовме) на туѓи држави да ни кажуваат која е нашата вистинска историја, кои сме и чии сме, кој е нашиот јазик, етничко потекло.
Самите го забораваме и бришеме нашето свето историско минато. За чиј интерес тоа се прави? Од уставот направивме папазјанија, обичен алваџи-тефтер, во кој секој од “саканите“ соседи или партии бара да се смени (а ние го менуваме), она што ќе им падне на памет. Македонија е лошо место за живеење, нема судство, нема правда, има амнестии и аболиции наместо правичност. Нема здравство, ама има скапи приватни болници. Домашното стопанство умира. Нивите се неизорани, фатиле коров, храна од увоз. Школството е експериментало, сѐ нешто се додава или одзема, нема учебници. Нашите најмили, нашите деца заминаа, не на печалба, туку во странство со цел таму да останат. Останавме само старци, домовите ни се празни. Секојдневно пред бугарскиот конзулат во Битола, млади луѓе, наши деца си го продаваат достинството и барат бугарски пасоши, само да заминат во странство.
35 години се напластуваат само проблеми и назадувања.
За нив не е виновен државниот грб.
Постои ли нешто со што би можеле да се пофалиме?
Стефан Бошков, Претседател