
Според дигиталниот речник на македонскиот јазик, јазикот е: „Систем од гласовни, речнички и граматички средства и правила што им служи на луѓето за изразување на своите мисли и чувства во меѓусебното општење.“ Додека пак според интернет речникот на Мерием Вебстер јазикот претставува: „Зборовите, нивниот изговор и методите за нивно комбинирање што ги користи и разбира заедницата“
Речниците пак на популарните универзитети Кембриџ и Оксфорд јазикот го дефинираат како: „Систем на комуникација кој се состои од звуци, зборови и граматика.“ односно
„Системот на комуникација во говорот и пишувањето што го користат луѓето од одредена земја или област.“
Социолингвистот Милорад Радовановиќ пак, за јазикот вели дека е: „Основна задача на природниот човечки јазик е да служи како средство за разбирање на колективот чија сопственост е. Во тоа и се манифестира и најважното обележје на општествениот карактер на јазичните појави. Поради тоа и јазикот обично се дефинира како организиран собир на единици (првенствено гласови и значења) и правила – кои се користат во процесите на меѓусебно разбирање помеѓу луѓето, односно како систем со општествена функција:меѓусебно разбирање.“
Најголемиот современ социолингвист, анархист и критичар на капитализмот Ноам Чомски за јазикот вели дека: „Јазикот не е само зборови. Тоа е култура, традиција, обединување на една заедница, цела историја што создава што е заедница. Сето тоа е отелотворено во еден јазик“.
Според еден од најголемите македонски социолози кој малку подетално го истражувал јазикот од социолошки аспект Јован Корубин, јазикот го дефинира како:
„Јазикот, всушност, претставува артикулиран систем на вербални знакови кои, со својот симболичко-комуникативен карактер, служат за означување на предмети, односи и настани во надворешниот свет, за изразување на субјективните човекови состојби, доживувања и стремежи со што се овозможува разбирањето, општењето меѓу припадниците на одредена човекова заедница.“
Според Корубин јазикот има поголем број на функции и тоа: „Комуникативна функција која се огледа во улогата на јазикот како средство за општење, изразна (експресивна) функција, јаувајќи се како средство за материјализација на мислата, за нејзиното формирање и конструирање, но и како средство за материјализација на мислата, за нејзиното формирање и конструирање, но и како средство за искажување на чувствата, акумулативна функција која се изразува во собирањето и зачувувањето на општественото искуство и знаења, естетската функција на јазикот која доаѓа до израз во литературата и уметноста, етничката функција во изразувањето на етничката или националната припадност на поединецот и магичната функција која посебно се изразува при разните религиски и други обреди“.
Јазикот е систем од знаци, со чија помош поединците ги изразуваат своите мисли и ја остваруваат социјалната комуникација. Јазикот, оттука, се јавува како медиум преку кој поединците го градат и го толкуваат светот во којшто живеат и оттука јазикот станува еден од најзначајните елементи на идентитетот, на поединците и на општествените групи. Тој (јазикот) истовремено, е средство за комуникација меѓу поединците и општествените групи во едно општество.